Охрид е полн со домашни туристи со оглед на продолжениот викенд. На плажата „Градиште“ денеска можеше да се забележи голем метеж и беше невозможно да се задржи дистанцата, судејќи според фотографиите објавени на социјалните мрежи.
Во текот на денот имаше и жестоки реакции за неодржувањето на хигиена на јавните простори во Охрид. Во езерото плива ѓубре што го фрлаат посетителите, а по тротоарите и улиците врие од смет, пластични шишиња, кутии од цигари и кеси преполни со ѓубре.
Утрово колони од возила се упатија кон Охрид, а на моменти сообраќајот беше во комплетен застој.
Министерството за внатрешни работи најави дека за време на продолжениот викенд ќе врши засилени контроли со цел зачувување на стабилната безбедносна и здравствена состојба.
Од Министерството за здравство апелираа да се почитуваат протоколите за плажите и базените.