Пет ИТ компании доставија предлози на повикот за изработка на ново софтверско решение за распределба на дозволите во патниот и товарниот сообраќај. По денешната презентација на предлозите, Комисија од повеќе институции ќе го избере најдоброто врз основа на кое за девет месеци би почнала примената на новата алатка.
– Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), кој го спроведува повикот во соработка со Министерството за транспорт и врски, веќе ги има обезбедено планираните пет милиони денари за поддршка на проектот и создадени се услови за навремено стартување на новото решение- рече на презентацијата Јован Деспотовски, директор на ФИТР.
Деспотовски истакна дека преку изработка и примена на иновативно решение во овој сегмент ќе се олесни пристапот до јавните услуги во овој сектор и ќе се придонесе за зголемување на ефикасноста на работењето на Министерството за транспорт и врски.
Како што појасни министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, новиот софтвер „ПРИСТАПП транспорт“ има цел да обезбеди поефикасно, поевтино и потранспарентно решение во процесот на издавање различни видови дозволи и документи во надлежност на Министерството за транспорт.
– Софтверското решение треба да ги опфати сите фази од постапката од електронско аплицирање во патничкиот линиски превоз, како и транспортот на стока, предвидени со Законот за превоз во патничкиот сообраќај, управување на постапките за одобрување решенија, па се до издавање на лиценците и дозволите, рече Сугарески, потенцирајќи дека со новото решение ќе се овозможи поголема транспарентност и отвореност на Министерството.
Изработката на новиот софтвер треба да овозможи електронска размена на податоци меѓу институциите вклучени во постапките и да го олесни пристапот на крајните корисници до транспортните услуги.
Сугарески најави дека како дел од решението ќе се создаде и Централен регистар на транспортери што ќе поддржува чување информации за сите типови транспортни компании, според нивните униформни и поединечни податоци според дејноста.
„ПРИСТАПП транспорт“ е прва апликација која ФИТР ја изработува како пилот-проект за воведување иновации во јавниот сектор. Се планира, според Деспотовски, вакви решенија да се применат и во другите делови на јавниот сектор. Ќе се даде можност на домашните ИТ компании да предложат соодветно техничко решение за да се подобри работата и ефикасноста на јавниот сектор.
Јавниот повик на ФИТР беше отворен од 18 до 20 мај годинава.