КАКО ДА СЕ ПОДГОТВАТ УЧЕНИЦИТЕ ЗА ВРАЌАЊЕ ВО УЧИЛИШНИТЕ КЛУПИ?
Од анкетата со повеќе родители (од една страна) и со наставниците (од друга страна) се чини дека двете засегнати страни се одликуваат со различен ментален став по прашањето за учениците, училиштето, наставата, трансферот на знаење, физичкото присуство и коронавирусот… Очигледно дека обете засегнати страни не отстапуваат од своите позиции, анализирајќи ги ситуациите и настаните од својот агол како најдобри, односно толкувајќи си ги во рамките на својата интересна група со сопствени решенија како најдобри, а исклучиви кон другата страна.
Но, всушност, до обете засегнати страни сѐ уште не е дојдено алтернативното решение во кое нема две засегнати спротивставени страни, туку една заемна, заедничка страна, која е исклучиво во интерес на учениците, трансферот на знаење и вештини и, секако, нивната успешна социјализација
Како што е веќе познато, образовните власти најавија отворање на училишните врати за сите основци и средношколци во државата. Овој 1 септември, и покрај новиот офанзивниот напад на коронавирусот и растот на ковид-бројките на дневно ниво, наставата со физичко присуство ќе започне, а ќе биде задолжително за сите. Од Министерството за образование и наука (МОН) рекоа дека исклучоци од оваа одлука може да бидат деца со ретки болести или попречености, деца што доаѓаат од семејства со хронично болни, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето.
Стравувања „на квадрат“, поткрепа на децата „на куб“
Покрај стравувањата од ковидот, она за што, пак, стравуваат родителите, е како да се надомести она што е пропуштено како знаење додека траеше онлајн наставата, како и тоа, како повторно децата да се навикнат редовно да учат.
Практичарите велат дека оваа година можеби ќе им биде тешко на учениците да се вратат во колосек, но исто така коментираат дека ништо не е невозможно. Според нив, ништо не може да ја замени училницата и најдобро се усвојуваат знаења кога образовниот процес се одвива во училиштето.
Зорица Милкова е одделенска наставничка во основното училиште „Тошо Велков Пепето“ во Кавадарци. Заради успешната мината работа и ангажманот како практичар и педагог, таа годинава беше унапредена во звање наставник-ментор. Милкова смета дека одговорот на прашањето како родителите да ги подготват своите деца за на училиште, е – со насмевка.
– На прагот сме на новата учебна година, која започнува со физичко присуство за разлика од минатата. Некои од родителите оваа одлука ја прифатија со радост, но некои со страв од коронавирусот, кој очигледно ќе се задржи неопределено време меѓу нас. Како да ги подготват родителите своите деца за во школо? Јас би рекла, најпрво со насмевка. Може некому му звучи чудно, но да не заборавиме, смеењето е половина здравје – вели наставничката.
Родителите да веруваат во наставничкиот кадар
Како што потсетува таа, со оглед на моментална епидемиолошка ситуација, сите училишта во нашата држава се подготвени и почетокот на новата учебна година ќе го започнат со следење посебни протоколи.
– Не заборавајте – ние наставниците сме „вторите мајки“ на вашите деца. Немојте да се грижите. Пред поаѓање во училиште и враќање на секојдневните обврски како изминатите училишни години, најважно е со вашите деца, пред сѐ, да поразговарате за правилната заштита од ковид-19, редовната хигиена и секако внимателното слушање на наставниците, кои ќе ги водат кон новите предизвици во животот. Дадете им позитивна енергија со тоа што ќе им кажете дека сѐ ќе биде во ред, советувајте ги навремено и без срам да се обратат кон нас доколку почувствуваат каква било промена во расположението, дадете им поддршка заеднички со нас да ја надминат оваа сурова реалност и побрзо да се вратат во формата „ученик“ што минатата година беше поразлична – апелира наставничката Милкова.
Таа потенцира родителите никогаш да не заборават дека наставниците се „побогати“ од родителите и дека тие имаат многу деца за кои еднакво се грижат.
– Сѐ ќе биде во ред доколку соработуваме и со заеднички сили му се спротивставиме на нашиот невидлив непријател – вели наставничката.
Педагозите советуваат дека во текот на летниот распуст, односно во периодот пред почетокот на учебната година, паметно е децата со помош на родителите да се потсетат макар и површно на материјалот што го изучувале минатата година, да решат некоја задача, како и да прочитаат книга.