Претседателот Стево Пендаровски нема да потпише указ за прогласување на измените на Изборниот законик со кој се бараат потписи од два отсто од избирачи во одредена општина, за независни кандидати да можат да бидат учесници на локалните избори.
Пендаровски смета дека не е логично претседател и советници во Град Скопје да се кандидираат со ист број на потписи на избори. Отстапка би направил само ако за ова прашање има широк консензус, кој засега го нема.
Дополнителна причина за непотпишување е што се носи непосредно пред распишување на избори.
„Не може два дена пред распишување на избори да се носат измените. Нема логика бидејќи за кандидирање на претседател на државата се потребни 10.000 потписи, а толку да треба и за кандидирање советници во Град Скопје“, рече Пендаровски на брифингот со новинарите.
Претседателот потсети и дека препораката на ОБСЕ е да се воведе праг за кандидирање за независни листи, но тој да биде до 1 процент. Тој смета дека не би имал аргумент да не го потпише указот, само ако има општа согласност за измените.