Водени од вербата во правда, еднаквост и човечност, партизаните успеаја да го обединат и поведат народот во антифашистичка, народноослободителна борба. Во движењето на отпорот се вклучија граѓани од секоја етничка, верска и социјална категорија. Неколкуте партизански одреди прераснаа во баталјони, бригади, дивизии и корпуси на стоилјадната македонска војска. Останувајќи дел од големата антихитлеровска коалиција до крајот, македонските граѓани ја избраа страната на прогресивниот дел од човештвото, нагласува претседателот Стево Пендаровски и додава дека таа славна генерација се изборила за македонската слобода и државност.
Понатаму, претседателот додава дека сега останува на денешните граѓани да го следат нивниот пример и, како што вели, сите заедно да ја преземеме нашата генерациска одговорност.
– Преку граѓанско помирување и солидарност да постигнеме внатрешно единство ако сакаме да ја реализираме нашата заедничка цел – трансформација на Северна Македонија во напредна и просперитетна држава – членка на НАТО и на Европската Унија – порача Пендаровски.
Претседателот повикува со единство за најважните работи, да градиме држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина, на крајот честитајќи го Денот на народното востание.