Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, ги прими министерите за надворешни работи на Литванија, Латвија, Полска и потсекретарот за европски работи на Естонија, чиишто земји, членки на Европската Унија се дел од групата „Пријатели на проширувањето“.
На средбата, претседателот Пендаровски изразил благодарност за нивната силна и постојана поддршка за интеграцијата на Македонија во Европската Унија. Во тој контекст, тој го реафирмирал очекувањето дека новата методологија ќе биде донесена во текот на овој месец, и со тоа би се создала можноста за отворање на пристапните преговори за членство во текот на хрватското претседателство со Унијата.
– Претседателот Пендаровски нагласи дека Северна Македонија, спроведувајќи ја реформската агенда, во изминатиов период покажа политичка зрелост и максимална посветеност во обезбедувањето на нејзината европска и евроатлантска иднина. Во таа насока тој ја истакна важноста на нашето пристапување во Унијата, како значаен придонес во зајакнувањето на стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа, но и за самата Европска Унија, со која споделуваме исти вредности – соопштија од неговиот кабинет.
Говорејќи за добрососедските односи и соработка како еден од основните предуслови за стабилен и безбеден регион, се наведува во соопштение, претседателот се осврна на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија, коишто претставуваат позитивен пример на Балканот.
– На средбата беше разговарано и за актуелните случувања во пресрет на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски ја нагласи важноста изборите да бидат спроведени во фер и демократска атмосфера, а новата влада фокусирано да продолжи со испорака на реформски резултати, во интерес на граѓаните и на нашата европска иднина – се наведува во соопштението.