Претседателот Стево Пендаровски денеска прими ученици коишто на 37-та Балканска математичка олимпијада освоија сребрен и бронзени медали.
На олимпијадата, каде нашата земја ја претставуваа 6 ученици, претежно средношколци, Никола Спировски доби сребрен медал, додека бронзени медали освоија Дамјан Давков, Алек Јармов и Лука Грашкоски. На Олимпијадата учествуваа и Кристина Тасева и Бојан Димовски. Тимот заедно освоил 113 поени, што според Сојузот на математичари на Македонија, претставува најголемо достигнување во последните 11 години.
На средбата, учениците и водачите на тимот Никола Велов и Борче Јошевски го информираа претседателот Пендаровски за процесот на интензивни подготовки, којшто се спровел преку четири пробни натпревари со симулација на условите. Таквиот пристап, како што истакнаа тие, придонел за одличниот резултат на олимпијадата.
Претставниците од Сојузот на математичари на Македонија истакнаа дека клучна улога за постигнување врвни резултати во математичкото образование има основното образование, односно работата со учениците уште од четвртто и петто одделение.
Честитајќи им за освоените медали и големиот успех, Претседателот Пендаровски изрази поддршка за напорите да се обезбедат подобри услови за учење и тренинзи по математика.
– Честитки за успехот, за кој сите сме горди. Посакувам да продолжите да го надградувате квалитетот што го поседувате и натаму да постигнувате одлични резултати на меѓународен план – истакна претседателот Пендаровски на средбата.
Триесет и седмата Балканска математичка олимпијада, на којашто учествуваа 11 балкански држави и седум гостински тимови, виртуелно се одржа во Романија, во периодот од 31 октомври до 5 ноември годинава.
Инаку, за некои од учениците овие награди не се единствени годинава. Никола Спировски во септември победи на 24-тата Јуниорска олимпијада. На истото натпреварување, коешто виртуелно се оддржа во Грција, Дамјан Давков освои сребрен медал.