Претседателот Стево Пендаровски попладнево во Куманово го означи почетокот на работата на Главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ), што во следните шест години ќе се наоѓа во касарната „Боро Менков“.
Откако беше извршено примопредавање на должноста командант на СЕЕБРИГ, претседателот Пендаровски, заедно со претседателот на Владата, Оливер Спасовски, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и претседавачот со координативниот комитет на процесот СЕДМ, Петро Кочи, свечено го отвори реновираниот и опремен објект во касарната „Боро Менков“, што ќе биде седиште на Главниот штаб на бригадата до 2026 година.
Република Македонија ќе биде домаќин на Командата на СЕЕБРИГ, формирана во 1999 година и во која членуваат Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција. Бригадата функционира во рамки на СЕДМ – процес на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа.
Локацијата на командата се одредува по основ на ротација, а досегашни нејзини домаќини беа Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса.