Денес е најголемиот христијански празник, Воскресението Христово кој во себе ја носи моќната порака дека животот секогаш победува. Посакувам Велигден во вашите домови да донесе мир, хармонија и радост кои ќе ги споделите со најблиските, се вели во честитката по повод празникот Велигден што ја упати претседателот, Стево Пендаровски.
– Оваа порака вообичаено ќе ви ја упатев по редовната служба по повод празникот на која традиционално присуствуваат голем број граѓани кои потоа се подготвуваат за заедничките мигови со своите семејства и своите најблиски.
Но, оваа година имаме поинаков Велигден. Поради глобалната криза предизвикана од пандемијата со која сите се соочуваме, годинава сме под товарот на заканата од коронавирусот и празникот го дочекуваме во нашите домови, во различна атмосфера и со поинакви навики и однесување.
Дел од нашите граѓани се во првите редови во справување со кризата, и дење-ноќе ги извршуваат своите работни обврски со што ни овозможуваат на повеќето од нас да останеме дома со она што ни е најпотребно за да ги сочуваме нашето здравје и нашите животи.
Посакувам Велигден да не потсети дека сега ни е потребна верба, храброст и трпение за да го издржиме овој тежок период во справување со вирусот, а преку надминување на кризата да ја научиме најважната животна лекција за нужноста од поголема еднаквост, одговорност, солидарност и почит меѓу нас.
Нека е за многу години големиот празник, Христос воскресна – се наведува во честитката на Пендаровски.