Светскиот ден на дијабетесот денес се одбележа во Деканатот на Медицинскиот факултет во пристуство на голем број директори на здравствени установи, медицински лица и поддржувачи на заболените од дијабетес.

Настанот е во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари, со поддршка од Министерство за здравство, здруженија, институции и компании.

– Веќе немаме инсулинска криза, имаме и најнови генерации инсулин, имаме игли со различни димензии, кои, за жал, несоодветно се распределуваат низ инсулинските аптеки. Ова мора да го решиме. Воведовме нови ГЛП-1 агопнисти и ДПП-4 инхибитори. Очекуваме да се прошири листата на орални антидијабетици со нови терапии, како превенција од дијабетес. Добивме зголемен број инсулински пумпи, но немаме доволно обучен медицински кадар за истите пумпи да ги вградат на пациентите. Светските статистики велат дека еден од пет здравствени работници не се доедуцирани за дијабетес. Листата на пациенти што чекаат инсулински пумпи е огромна. И тоа не само деца, пумпи заслужуваат и малку повозрасните, како и оние што планираат да формираат семејства, а имаат потреба од инсулинска пумпа и сензори. Најголем проблем и понатаму ни остануваат глукометрите. Се обидовме заеднички да ги дефинираме стандардите и критериумите за глукометрите. И ги дефинираме, но навистина не знам зошто и понатаму добиваме глукометри со потпросечен квалитет. Многупати сум се запрашал, со што се толку позаслужни луѓето што живеат во нашите соседни држави, Грција, Бугарија, Србија и Хрватска? Зарем се повредни од мене и останатите 120.000 лица со дијабет во Северна Македонија, па добиваат глукометри со задоволителен квалитет по пат на систем на референтни цени, кои се соодветно дефинирани. Нема да се откажам од борбата додека не добијам глукометар што навистина ќе ги задоволува светските стандарди, кои се движат во правец на дигитална самоконтрола во домашни услови, преку која ќе им се олесни работата и на нашите доктори – рече Бојан Киров, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.

Министерот за здравство Венко Филипче потенцираше дека Министерството за здравство е целосно посветено на обезбедување најквалитетен третман за сите пациенти со дијабетес мелитус и сите лица на инсулинска терапија се соодветно снабдени со инсулин, нагласувајќи дека грижата за лицата со дијабет и обезбедувањето соодветна инсулинска терапија е врвен приоритет на Министерството за здравство.

– Мислам дека навистина заеднички постигнавме многу во изминатиот период, посебно со оригиналните инсулини, ги нема веќе тие проблеми за контролата на гликемијата, на компликациите што произлегуваа од дијабетесот. Се зголеми буџетот на програмата и се донесоа три нови инсулини, два нови аналози, значајно е подобрена контролата на третманот кај дијабетот како болест, ги надминавме проблемите за продолжување на терапијата преку системот „Мој термин“, и, секако, изнаоѓаме начини да ги решиме овие проблеми кои се наметнуваат. Многу ми е драго што ова е процес што е инклузивен и во кој учествуваат сите – потенцираше министерот Филипче.

Б.Ст.