Верските аналитичари сметаат дека ова е вовед во решавањето на црковното прашање во Македонија. Според нив, многу е логично Вселенската патријаршија да оствари прво контакт со СПЦ за да добие општа претстава како би се поставила црквата во преговорите за МПЦ
Дали Вселенската патријаршија и официјално ги почнува преговорите за решавање на македонското црковно прашање е дилемата, откако пред два дена во српските медиуми излезе информацијата дека патријархот Вартоломеј следниот период ќе испрати делегација за разговор со српските владици? Оваа вест доби потврда и од Српската православна црква, како и потврда дека дневниот ред на овие разговори го знае и Вселенската патријаршија, односно дека на него логично е да се разговара и за статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Посетата на делегацијата од Вселенската патријаршија на Српската црква ја потврдил и портпаролот на СПЦ, бачкиот епископ Иринеј Буловиќ, кој посочи на тоа дека нема информации зошто таквата средба ќе се оствари во Белград. Сепак, истакна дека можеби во прашање е разговор за црковното прашање во Украина и во Македонија.
– Која е причината за таа посета не знам, зашто никој не ни кажал. Претпоставката дека ќе се разгледуваат проблемите во Украина и во Република Северна Македонија не е нелогична, но не е потврдена. Јас лично не можам да кажам ништо, зашто не сум пророк. Времето ќе покаже и јавноста ќе биде известена – изјавил епископот Иринеј за српските медиуми.
Верските аналитичари сметаат дека ова е вовед во решавањето на црковното прашање во Македонија. Според нив, многу е логично Вселенската патријаршија да оствари прво контакт со СПЦ за да добие општа претстава како би се поставила таа во преговорите за МПЦ.
Велат дека процесот ќе трае, но добро е што почнува.
– Не е неочекувано Вселенската патријаршија прво да разговара со СПЦ. Самата изјава на бачкиот епископ потврдува дека целта на посетата е разговори за МПЦ. СПЦ јавно застана зад Руската црква. Многу српски владици на СПЦ имаа остри тонови кон вселенскиот патријарх. Тоа е добар повод да се разговара. За МПЦ е важно тоа што процесот почнува и треба да се очекува резултат. Можеби на СПЦ нема да им се допадне тоа што патријаршијата во Фанар го отвора прашањето. СПЦ ќе го застапува ставот дека ова е внатрешно прашање и дека нема да е потребна интервенција од надвор. Но Вселенската патријаршија ќе продолжи да го води процесот. Веројатно ќе следуваат и контакти со македонските владици. Сепак, останува да се види дали тие ќе бидат јавни или не – објаснуваат верските аналитичари. Владиците на МПЦ-ОА на последната синодската седница одржана пред повеќе од еден месец, не разговараа за можноста од евентуални преговори со СПЦ или, пак, за преговори со Вселенската патријаршија. Верските аналитичари оценуваат дека оваа есен може да се очекува некакво придвижување на работите околу прашањето за МПЦ-ОА и дека Вселенската патријаршија, најверојатно, прво ќе се обиде да разговара со СПЦ за да го стави прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА на маса. Вселенската патријаршија и Руската патријаршија во овој период се во битка за превласт во православието.
Постапките на Руската црква, експертите ги толкуваат како намера таа да го спречи признавањето на автокефалноста на МПЦ, а Вселенската патријаршија е со мотив да демонстрира дека таа е црквата што има право да потпишува томоси за автокефалност.