Според аналитичарите, во практиката ваквите, условно кажано, работни лета на партиите им се со цел да го реанимираат подзаспаното членство, за да се покаже дека народот ги поддржува нив и нивните политики
Пополека влеговме во летото и како по некоја навика пресликана од минатото се раздвижува и македонската политичка сцена. Политичките партии најавуваат амбициозен летен план наспроти тешка домашна теренска задача. И додека летото вообичаено е време за одмор, препуштање на сонцето и водата и фаќање боја, политичките партии традиционално во овој период се растрчуваат на терен во лов по гласови. Претстојното лето ќе биде навистина бурно на политички план и заради актуелните случувања поврзани со нашите евроинтегративни процеси и најавениот референдум во врска со преспанската спогодба. Опозицијата најавува теренски посети во домовите на граѓаните низ земјава и закажани протести со кои ќе се убедува народот за погрешната политика што ја води Владата. Од друга страна, и власта најавува големи народни собири во претстојниот период, на кои ќе се прослави поканата за членството во НАТО, но и ќе се афирмираат досегашните резултати од работењето на власта.
Познавачите на состојбите во исто време коментираат дека во отсуство на свежи идеи и решенија за народот и неговите проблеми, политичките идеи со кои се служат и едните и другите се копираат од минатото, а ефектите од работното лето на партиите од опозицијата, но и од власта, се речиси незабележливи. Гласачите се тие што ќе одлучат дали и колку критиките на опозицијата кон власта биле слушнати и прифатени како конструктивни, но и како обид на спротивната политичка опција да ги промени состојбите, додаваат упатените.
Во пресрет на најавеното работно лето, односно „Лето за Македонија“ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но и почнатата кампања за претстојниот референдум на СДСМ во врска со нашето членство во НАТО и притоа промена на уставното име, политичкиот аналитичар Милан Стефановски вели дека една од задачите на опозицијата е да врши постојан притисок врз власта, со цел таа да биде поодговорна, од друга страна, пак, задача на актуелната власт е да ги спроведува своите политики со поголема доверба и поддршка кај народот.
– Некои од пораките се кон власта, но со приближувањето кон најавениот референдум за нашето членство во НАТО и промена на името некои од пораките се кон гласачите, значи им се укажува на работите што власта не ги спровела како што таа претходно ги најавуваше во предизборието. Ефектот ќе се види на денот на референдумот, колку тие пораки поминале и биле прифатени кај гласачите – вели Стефановски.
Анализирајќи ги однесувањето и дејствувањето на опозицијата, но и на власта, политикологот смета дека митинзите се само празна и веќе видена тактика преку која се пребројува потенцијалното гласачко тело.
– Никогаш кај нас власта не ја слушала опозицијата. Првата грешка е во власта, што сите биле само заљубени до тој степен што никогаш не ги слушнале ни добронамерните критики од опозицијата. А ни опозицијата не била доволно ниту кадарна ниту, пак, креативна за да даде некои полесно реализирачки идеи за доброто на народот, не само за доброто на партијата, за да може власта да го примени тоа – додава Стефановски.
Од друга страна, професорот Јове Кекеновски вели дека Македонија во минатото изнагледала многу работни лета на политичките партии, а на граѓаните им е преку глава од нив.
– Сведоци сме на многу работни лета во Македонија, а ефектите беа нула или помалку од нула за граѓаните. Во практиката ваквите, условно кажано, работни лета на партиите им се со цел да го реанимираат подзаспаното членство, за да се покаже дека народот ги поддржува нив со нивните политики, во овој случај ВМРО-ДПМНЕ, од една страна, и СДСМ, од друга – вели Кекеновски. Професорот објаснува дека на митинзите што ги одржуваат партиите во текот на летото не можете да слушне ниту конструктивен предлог за тоа како да се реши одреден проблем, ниту идеја, ниту конкретно решение. Наспроти тоа одекнуваат веќе познатите фрази и критики кон власта, кои, пак, од друга страна опозицијата за себе не сака да ги слушне и прифати.
– Кај нас сѐ е испревртено, онаму каде што има свесно гласачко тело, говорам за Европа и поразвиените демократии од нашата, онаму каде што има објективни медиуми, каде што има одговорна власт, но и опозиција, нема потреба ниту од работни зими, уште помалку од работни лета на политичарите. Сега актуелно за СДСМ ќе биде да го реанимира своето членство во пресрет на референдумот, а ВМРО-ДПМНЕ да го убедува народот да гласа негативно, односно да се бојкотира. Клучното прашање е како да се реши нашиот евроинтегративен пат преку спогодбата со Грција, дилема што е нејасна, за жал, и кај двете најголеми партии на македонската политичка сцена – завршува Кекеновски.
Инаку, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, веќе го отвори работно лето со средби со граѓаните низ Македонија. Тој во интервју за домашните медиуми ги откри и деталите на својот план, со кој опозицијата ќе работи во наредниот период, со цел да се укажат погрешните политики на власта кон граѓаните.
– Илјада и петстотини тима на ВМРО-ДПМНЕ ќе допрат до секој дом, ќе се обидеме да ги прикажеме политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се обидеме на граѓаните да им ги сублимираме сите погрешни политики од страна на оваа влада, предводена од СДСМ и од Зоран Заев. Ќе се обидеме да собереме колку што е можно повеќе сојузници во нашата борба за зачувување на националното достоинство, националниот идентитет, националната гордост – истакна Мицкоски.
Од друга страна, владејачката СДСМ ја почна кампањата за референдумот околу промената на уставното име со цел наш влез во НАТО и во ЕУ. Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, во изминатиот период оствари средби во Штип со симпатизери и поддржувачи на партијата во Штип.