Армиските порти од осамостојувањето се обиваат со партиски калауз
Партиските кадровски комбинаторики уште од осамостојувањето се практика во безбедносните структури, вклучувајќи и во армијата. Токму таквата практика придонесе во војската да бидат заборавени принципот на професионализам, вреднувањето на војничките залагања и успеси, посветеноста на професијата и лојалноста кон државата, а неретко да биде присутно игнорирањето на принципот на субординација и хиерархија. Ако политикантството и партиите не ги тргнат своите пипала надвор од армијата, тогаш може да се очекува уште една демонтажа на институцијата што е еден од камен-темелниците на секоја демократска суверена и независна држава
Може ли политиката да се исклучи од структурите на македонската војска во период кога државата ги изодува своите последни чекори кон НАТО. Оваа дилема се реактуализира во домашната јавност во период кога врховниот командант, претседателот Стево Пендаровски, со указ разреши пет од шестемина старешини, кои неговиот претходник Ѓорге Иванов ги унапреди на нови позиции во армијата, и во моменти кога неделава командантот Бесник Емини стапи на должноста на првата механизирана пешадиска бригада во заедничката оперативна команда на Генералштабот на армијата. Емини на оваа функција доаѓа на местото на Драган Ковачки, кој пред само шест месеци беше именуван од поранешниот претседател Иванов, а актуелниот претседател Пендаровски ја укина одлуката на својот претходник.
Од друга страна, за потсетување, ова не е прв случај во кој во јавноста се доби впечаток дека политичките партии влијаат врз армиските структури. Претходно за време на мандатот на претходникот на Пендаровски, македонската армија долго време функционираше без полн состав на нејзината воена дипломатија, односно Ѓорге Иванов одбиваше да именува воени аташеи на клучни дипломатски позиции во држави и во еден момент државата немаше свои армиски дипломати во Велика Британија, Франција, САД, Кина, Русија, Германија, Грција, како и во мисијата на НАТО во Брисел.
Во меѓувреме, стручната јавност со која се консултиравме последните случувања ги карактеризира како уште еден бран на политичкиот притисок врз функционирањето на македонската војска. Безбедносни експерти сметаат дека политиката негативно влијаела врз армијата од независноста досега и се надеваат дека тоа како процес ќе престане по влезот на Македонија во НАТО.
Генерал Митре Арсовски вели дека актуелните состојби со инволвирањето на политиката во армиското функционирање не се новост и тие се проблем со кој АРМ се соочува уште од времето на нејзиното формирање.
– За жал, во денешно време политиката влезе дури и во клозетите на домовите, а не па во војската. Човек не може да се оттргне од политика, која пенетрираше очигледно во сите пори на државата и општеството. Таа мора да се исфрли навреме од армијата бидејќи може да ја уништи – вели Арсовски.
Генералот истакнува дека го разбира чинот на постапување и на актуелниот врховен командант и на неговиот претходник бидејќи тие потекнуваат од партии, па оттаму и ги влечат партиските директиви, кои мора да ги спроведат и мораат да ги исполнат агендите на партиските штабови.
– Лошото во ваквата поставеност на ситуацијата е што на овој начин сега Пендаровски ги принуди офицерите, со условно кажано понизок чин од мајор, ако сакаат да напредуваат да се стават во служба на партиите наместо на државата – вели генералот.
Тој предлага, за во иднина да нема проблеми од овој тип, да се сменат Законот за служба во армијата и Законот за одбрана и генералите да се избираат во парламентот на транспарентен начин, а не како сегашниот каде што ние не знаеме зошто некои офицери по само шест месеци од кога се на функција се разрешени или деградирани во чест на други старешини.
– Оние што ја водат државата треба да се обидуваат да ја истуркаат политиката надвор од касарните. Ние треба да се обидуваме да функционираме како НАТО каде што нема импровизации и политички влијанија меѓу униформираните. Па замислете што би се случило доколку во САД на овој начин актуелниот претседател без доволно аргументи би го направил истиот чин како Пендаровски – вели генералот.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека ако го погледнеме функционирањето на последните неколку врховни команданти ќе заклучиме дека тие очигледно еднакво не се обидуваат професионално да раководат со армијата.
– Факт е дека партиите битки бијат и во редовите на војската, а сето тоа личи на канцер што го разјадува ткивото на најпочитуваната македонска институција меѓу граѓаните – вели Стефаноски.
Аналитичарот се надева дека со влезот во НАТО, Алијансата ќе им ги врзе рацете на македонските политичари и тие нема да можат толку лесно да ја извалкаат честа на униформата на војската.