Младите имаат потреба од квалитетно образование, сигурна работа, можност за надоградување и заради тоа е потребно Македонија да се зачлени во Европската унија(ЕУ), бидејќи носењето на европските вредности тука, ќе ги задржат младите во својата земја.
Ова беа дел од заклучоците на панелот „Придобивките за младите од членството на нашата држава во ЕУ и НАТО“, што се одржа попладнево во организација на З.Г. НЕКСУС.
– Последниве десет години се соочуваме со масовната младинска емиграција што ја имаме…Многумина од младите луѓе од оваа држава одат во странство за подобро образование, за студии, за работа…Остануваат заради квалитетот на животот што го добиваат таму – рече Дона Костуранова, Извршен директор на Младински образовен форум (МОФ).
Според неа, Европската унија(ЕУ) може да им понуди многу на младите во земјава, при тоа додавајќи дека квалитетот на образованието е посебно важен, особено ако се преземат европските искуства.
Таа се осврна и на претстојниот референдум, истакнувајќи дека младите треба да ги носат одлуките важни за нивната иднина.
За Абдуљкадар Мемеди, Директор на Институт за геостратешки истражувања и надворешна политика, младите немаат интерес да гласаат бидејќи кај нив не е доволно развиена свеста за тоа што можат тие да одлучат.
Според него, ако очекуваме дека ЕУ ќе ни ги реши проблемите, тоа не е така.
– Ние сме тие што ги носиме одлуките – рече Мемеди.
Мартин Милошевски, Координатор за меѓународни прашања и политики, Национален младински совет на Македонија (НМСМ), смета дека во поглед на мобилноста, младите во Македонија веќе ги уживаат придобивките што ги уживаат и младите од ЕУ, како дел од Еразмус програмата.
Тој говореше и за системските решенија за намалување на младинската невработеност.
– Образованието е најважната работа заради која треба да бидеме дел од таа евроатланска поголема заедница на нации и држави – рече Стево Пендаровски, Национален координатор за НАТО.
Според него, проблемите во Македонија не произлегуваат од лошите закони, туку од нивната неимплементација.
Тој додаде дека бројката на млади луѓе што ќе гласаат „за“ на референдумот расте, но дека не е извесно дали сите тие луѓе ќе излезат да гласаат на денот на референдумот.
-Може да се случи парадокс како Брегзит, кога младите кои во огромен број беа за останување на Британија во ЕУ, дента не излегоа на време и дозволија постарите категории да им диктираат – рече Пендаровски.
Тој ги повика младите да го искористат своето гласачко право.