Една од најголемите загуби што ги доживуваме во сите можни релации, а која е нов модерен тип на загуба, е чувството на невидливост – кога некој за вас е физички присутен, а ментално и емоционално отсутен. Но тоа не започнува во тинејџерскиот период, туку децата од најраната возраст почнуваат да се однесуваат така, под влијание на технологијата, предупредуваат психолозите
Психолозите, семејните советници, психијатрите, сѐ почесто имаат работа со деца и со тинејџери што имаат мноштво проблеми поради зависноста од технологијата. Тоа е возраст кога родителите чувствуваат дека ја губат контролата врз нив, па оние посовесните бараат стручна помош во справувањето со ситуациите во домот, но и надвор од него. Основците гледаат во телефоните, не комуницираат со другите членови на семејството, се изолираат, попуштаат на училиште, почнуваат да излегуваат, да влетуваат во врски и да ги игнорираат своите родители.
Ивана Станковска, психолог и семејна советничка во советувалиштето „Психолошко катче Мандала“, вели дека не може да се избегне времето во кое живееме – времето на социјални мрежи и Интернет.
– Треба да научиме како да функционираме со тоа, како да бидеме здрави, да живееме на здрав начин и физички и психолошки. А психолошкиот развој не е добар ако целата социјализација и комуникација се одвиваат преку екран. Тоа што најчесто младите го губат е присутноста, блискоста со родителите и со врсниците. Релациските вештини, самодовербата, познавањето на другиот и целокупната социјална интеракција, која е значајна за психолошкото созревање, се градат кога се гледаме, се слушаме, разговараме, ги набљудуваме реакциите на другиот и учиме да реагираме на нив, кога се гушкаме во сегашниот момент. А денес, младите кога ќе излезат надвор, сите се на телефон, тие не се присутни во моментот. Кога се заедно, тие не се слушаат меѓусебно, не разговараат, не се смеат еден со друг. Сите ги интересира кој ставил слика на Инстаграм, додека физички присутните се игнорираат. Денес една од најголемите загуби што ги доживуваме во сите можни релации, а која е нов модерен тип на загуба, е чувството на невидливост – кога некој за вас е физички присутен, а ментално и емоционално отсутен. Но тоа не започнува во тинејџерскиот период, туку децата од мали се учат на таа технологија и тие навики. Вие потоа, на 12 или 13-годишна возраст и повеќе, потешко можете да им го ограничите тоа. А тие пак, тогаш имаат потреба од повеќе самостојност, па родителите не можат да преземат нешто многу. Секој млад човек во адолесценцијата бара повеќе простор и слобода за себе. Сака да биде независен – вели Станковска.
За да не се затворат во себе, децата треба уште од најрана возраст да се учат да поминуваат повеќе време во природа, да се надвор, да се во контакт со други деца, затоа што, според Станковска, подоцна е потешко да им се постават правила и насоки.
– Најважно е да сфатат зошто е важна реалната социјализација. Важна потреба на секој адолесцент е да го пронајде своето место во своето друштво и средина, да биде прифатен и уважен. Ако се соочат со проблем во тинејџерските години, родителите треба да разговараат, преговараат, да се договараат со своите адолесценти и, кога е потребно, да поставуваат ограничувања. Тинејџерот мора да сфати зошто е важно тоа – вели Ивана.
Таа додава дека родителите се обраќаат за помош на психолог кога ситуацијата веќе ќе стане алармантна.
– Тие најчесто чекаат времето да ги реши проблемите, но тоа не е баш можно. Кога доаѓаат кај мене, ситуацијата е веќе алармантна. Тоа дете веќе губи на училиште, се изолира на Фејсбук и креира само онлајн-пријателства. Родителите не секогаш реагираат навреме. Како најдобар совет е тие да почнат од својот пример. Кога децата ги гледаат мама и тато на телефон, и тие го прават тоа. Родителите и самите, како возрасни, во својот дом се постојано на интернет. Кога седнуваат на маса да јадат, мама гледа во телефон, тато во телевизор. Што да прави детето? И тоа ќе го побара својот таблет. Важно е да се креираат семејни моменти на блискост и комуникација – додава психологот Станковска.
Проф. д-р Софија Георгиевска е професорка на Институтот за социјална работа и политика при Филозофскиот факултет и предава психолошки предмети, меѓу кои и Деца под ризик. Според неа, периодот на рана адолесценција е период кога се случуваат многу промени кај детето.
– Адолесценцијата е период кога едно лице воспоставува рамнотежа меѓу детството и зрелоста, периодот кога младите ги отфрлаат авторитетите, ја одбиваат родителската контрола и се зближуваат со група врсници. Адолесценцијата е време на бунт, испитување на границите, екстремни промени во расположението, внатрешни конфликти и конфликти со околината. Развојните задачи што се поставени пред секоe момче или девојка се однесуваат на прифаќање на изменетиот физички изглед, усвојување на родовата улога, постигнување емоционална независност од родителите, прифаќање општествени вредности, прифаќање сопствен систем на вредности и етички принципи што треба да ги следат во животот. Промените во овие области се одвиваат во текот на целиот живот, но во адолесценцијата тие се најинтензивни и затоа се и најзабележливи. Тие се исклучително важни за успешно завршување на развојните процеси и за постепено приспособување кон улогите со кои ќе се соочи личноста во зрелоста – вели Арнаудова.
Младите се соочуваат со свет што нуди безброј можности, кои за нив од една страна се предизвик, а од друга се извор на страв од новото и непознатото. Така, тинејџерите почнуваат да експериментираат со сопствената агресија на различни начини: во спортот, музиката, социјалните медиуми во тепачките и кражбите.
– Не е ни чудо што однесувањето на адолесцентите во целост ги буни родителите. Тие секојдневно се принудени да го преиспитуваат својот однос кон нив, што значи дека е неопходно да се обрне внимание на нивното однесување, како и на однесувањето на нивните деца. Понекогаш, родителите забораваат дека го поминале истиот период, не сакаат да зборуваат за своите „грешки“ и често за нив ги обвинуваат своите деца. Се разбира, адолесцентот не може да се гледа независно од семејството во кое расте и живее. Секој систем се обидува да ја задржи својата рамнотежа, а ако некои делови на системот не функционираат, другите делови ќе се обидат да ја преземат функцијата за да ја пополнат празнината – вели професорката.
Инаку, ЕСПАД има објавено истражување што се спроведува во најголемиот број држави во Европа со ученици на возраст од 16 години, на секои четири години, почнувајќи од 1995 година. Со него се опфатени и млади лица од Македонија.
Во него стои дека вкупно 84 отсто ученици користат интернет за време на викенд, додека 82,5 отсто во работни денови. Најчесто интернетот се користи во траење од по два-три часа дневно (22,6 отсто за време на викенд и 25,7 отсто во работни денови). За време на викенд, 21 процент користат интернет по над шест часа дневно.