Проф. д-р Илија Велев

ЗОШТО САМУИЛОВОТО ЦАРСТВО БИЛО СЛОВЕНСКО И МАКЕДОНСКО? (3)

По повод 1.000 години од падот на Самуиловото македонско царство (1018 -2018), доктор Илија Велев, како редовен професор по предметите Византиска култура и Кирилометодиевистика и културно наследство во Институтот за македонска литература и научен советник во Одделението за средновековна македонска книжевност, во неколку продолженија ќе ги образложи историографските елементи од овој мошне значаен период. Насловите се редакциски

За да бидеме доследни во нашата аргументација при толкувањето на фактографијата во контекстот на историските процеси од времето во кое настанала, за момент самоволно ќе си допуштиме да се сообразиме со ваквата доминантно исконструирана теза. Притоа условно ќе ја проследиме „претпоставката“ дека од посебни политички причини и од позиција на владетелски престиж Самуил ја поддржувал антивизантиската традиција на поранешното Прво бугарско царство. Во случајов веднаш наидуваме на историски спротивставени аргументи, кои проследувани за тоа време како мобилни процеси директно оневозможуваат да се разјаснат глобалните последователни појави од каква и да е природа на манифестирање. Наједноставно се наметнува дилемата зошто Самуил не манифестирал активна грижа за военото губење на бугарските географски територии или не инсистирал за нивно враќање по секоја цена. Затоа, пак, истражувањата недвосмислено покажуваат дека тој бил премногу чувствителен и воинствено поттикнуван при одбраната на македонските простори.

Сепак, повпечатливиот аргумент лежи во фактот што во средновековниот период црквата била главен двигател на општеството, па секое владетелство (кнежество, кралство, царство) можело да има само една титуларна (помесна) црква. Оттука следува и заклучокот: доколку овој владетел се ставил во позиција да е продолжувач на бугарската државна традиција, тогаш дали имал потреба Охридската патријаршија (чии корени биле во Светиклиментовата црква и се растеблени преку денешната Македонска православна црква) да ја прогласи за титуларна црква на своето царство, а притоа да не изврши обнова на веќе укинатата автокефалност на бугарската Преславска патријаршија. Во тој историски контекст нагласуваме дека вселенските евангелски црковно-канонски правила не допуштале и сè уште не допуштаат да функционираат две паралелни највисоки црковни хиерархии во едно владетелство (односно во една административно политички устроена држава). Тоа се несоборливи факти дека Самуиловото Царство немало бугарски карактер, зашто и не извршило возобновување на веќе укинатата поранешна бугарска помесна (титуларна) црква. Притоа тоа владетелство било македонско, зашто се основало на македонскиот простор и таму царот Самуил ги воспоставувал неколкуте подвижни престолнини – во Преспа, Охрид, Прилеп, Битола, Прониште, Сетина и др.

Над сè преовладува аргументот и дека подоцна – во почетокот на XIII век, воспоставената од Самуил титуларна црква (Охридската патријаршија) не се укинала при возобновувањето на Трновската патријаршија како титуларна црква на возобновеното Второ бугарско царство. Во контекст на тоа да напоменеме и: зошто не се продолжил евентуалниот „бугарски“ помесен (титуларен) континуитет на Охридската патријаршија, односно архиепископија? Историската податливост сведочи дека Охридската патријаршија или архиепископија останала активен црковноправен организам на христијанскиот духовен живот во Македонија дури и во периодите кога во иднина се менувале воените завојувачи на нејзиниот простор – Византија, Бугарија, Србија, па дури и Турскоосманлиската Империја. За нагласување е и тоа дека нејзиниот црковен статус бил независен дури и во однос на Вселенската патријаршија во Константинопол (односно Цариград).
Па ваквиот канонски автокефален статус на Охридската архиепископија го користеле средновековните словенски држави на Балканот – бугарската и српската, за да ги поткрепуваат сопствените црковнополитички интереси во однос на пробивањето на моќниот за тоа време византиски христијански централизам концентриран во Вселенската патријаршија. Следствено, и подоцна при амбицијата на српскиот средновековен владетел Стефан Душан да го потисне византиското суверено владеење во пошироките глобални рамки, во 1346 година тој иницирал одржувањето на црковниот собор да се случи во Скопје.

Таму биле поканети охридскиот архиепископ Николај со синодот, трновскиот патријарх Симеон со синодот и српското духовно великодостојништво, на чело со архиепископот Јоаникиј Втори. Политичката цел била јасно демонстрирана: да се издигне српскиот поглавар во „патријарх на сите Срби“, а потоа тројцата духовни поглавари да го крунисаат Душан за цар, жена му за царица и синот Урош за крал. На овој чин охридскиот архиепископ Николај имал посебен третман и почит сличен на улогата на вселенскиот патријарх. Затоа што ваквите свечени церемонии се случувале без благословот на вселенскиот патријарх во Константинопол, едноставно тој не ја признал ваквата богоугодна хиротонија и дури фрлил анатема врз српската црква со нововоздигнатата хиерархија. Охридскиот архиепископ бил поставен и за почесен член на Синодот на српската црква, а српскиот патријарх не можел да потпише ниту еден акт додека не бил ставен и неговиот печат. Тогашната согласност на охридскиот архиепископ и на бугарскиот патријарх да се прогласи српската црква во ранг на патријаршија, а и директно да учествуваат во тоа наспроти дистанцирањето на Вселенската патријаршија, за српскиот црковен историчар Марија Јанковиќ претставува конкретно толкување дека во тоа време веќе било решено прашањето за јурисдикцијата на трите православни цркви на Балканот – Македонската, Бугарската и Српската (Види: Марија Јанковић, Епископије и митрополије српске цркве у средњем веку. Београд 1985, стр. 63).

(продолжува…)