Откако пред неколку дена беше разрешен, поранешниот реис на ИВЗ Сулејман Реџепи преку соопштение пишува дека дава неотповиклива оставка од фунцијата, коментирајќи дека против него се води нецивилизирана кампања.
– Преку ова мое соопштение ја известувам јавноста дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата Реисул Улема на ИВЗ во РСМ, нагласувајќи при тоа дека за мојата досегашна работа одговарам пред Бога и спремен сум да одговарам пред Законот. На ИВЗ во РСМ за чие што единство сум работел сиот свој работен век и која што ја чувствувам како составен дел на мојот живот, и пожелувам успеси во работата во иднина, додека на исламските верници им пожелувам среќа а мирот, љубовта и милоста Божја да бдеат над нив било каде да се наоѓаат – пишува Реџепи.
Тој вели дека кампањата што се водела против него била нецивилизирана и се однесувала на неговата личност при што биле нанесени сомнежи на неговата активност и ангажирање на чело на ИВЗ во РСМ.
– Како верски водач и човек, длабоко сум трогнат од оваа навредлива кампања, но во ниту еден момент не го оспорив правото на било кој да го изнесе своето мислење и став, свесен и уверен дека Единствениот и Конечен Судија за делата на секој човек е и ќе биде секогаш единствено Семоќниот Алах – вели Реџепи во писмото.