Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерите на Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама, испратија отворено писмо за Западен Балкан, кое го објави подгоричкиот весник „Дан“.
Во писмото на претставниците на државите на Западен Балкан се наведува дека Европа не е континент, туку визија, дека граѓаните на Западен Балкан, како составен дел на континентот и визијата, се предолго изоставени.
-Желбата на нашиот народ да биде прифатен од членките на ЕУ повторно и повторно беше попречена од внатрешните политики на земјите-членки, неисполнување на дадените ветувања и стравот од иднината. Тоа резултираше со разочарување, нестабилност, иселување и недостаток на големи инвестиции – се наведува во отвореното писмо.
– Ние, како лидери на нашите земји, можеме да одлучиме да се жалиме на тоа, или можеме да одлучиме да направиме нешто во врска со тоа. Ние го избравме второто. Во ноември 2019 година потпишавме прелиминарен договор за стимулирање на таканаречениот Берлински процес, така што во свои раце ја презедовме подлабоката регионална соработка – се додава во писмото.
Тројцата државници посочуваат дека нивната визија е да се надминат социјалните, економските и трговските бариери кои го забавуваат економскиот раст во целиот регион, со имплементација на четирите европски слободи во нашите земји.