Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на „Европска куќа“ (Europe House) во Крива Паланка, проект реализиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.
„Европска куќа“ е простор каде младите ќе можат да се дружат, да учат, да се информираат и да ги споделуват свои ставови и размислувања, да дискутираат, да промовираат иновации и претприемачки иницијативи, да организираат разни културни настани, а во функција на промоција на европските вредности.
– По Европската куќа во Скопје, ова е прв ваков простор во внатрешноста на земјата во кој ќе ни биде важно да слушнеме како размислуваат младите и со кои предизвици се соочуваат во еден ваков локален и регионален контекст. Во оваа куќа младите добиваат место во кое ќе можат да комуницираат, да креираат заеднички идеи, споделуваат мислења, ставови, да се информираат, да стекнуваат знаења и вештини, да предлагаат решенија и секако да се запознаваат и да ги усвојуваат европските вредности – рече Пендаровски.
Тој додаде дека приоритетните проблеми, како што се невработеноста, која оди рака под рака со младинската сиромаштија, недоволното учество во процесите на одлучување, што ги носи младите во апатичност и пасивност во однос на важните случувања во општеството, ќе можат не само да се дискутираат на ова место, туку и да се наоѓаат решенија за нив, преку проекти, искуства и фондови кои стојат на располагање од страна на Европската Унија.