За време на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средби и со копретседавачот со заедничкиот парламентарен комитет помеѓу ЕУ и нашата земја, Андреас Шидер, како и со известителот за Северна Македонија, Илхан Кјучук.
На средбите, според соопштението од Министерството за надворешни работи, неизбежна тема биле последните внатрешноpолитички актуелности во државата, но разговорите биле со фокус на евроинтеграивните текови во државата и обидите, но и можностите за придвижување на целокупниот процес.
Од пратениците беше подвлечена силната поддршка за европската перспектива на Северна Македонија, непречен тек на европската агенда на земјата, усвојување на преговарачката рамка и организација на првата меѓувладина конференција.
Тие ја нагласија важноста за континуитет на реформите, за потребата од стабилност на државата со цел создавање позитивна атмосфера за отпочнувањето преговори.
Беше истакнато дека концептот на мултиетничка и мирољубива држава, посветена преку компромис и дијалог да доаѓа до решенија, се препознава како уникатен и голем успех за Северна Македонија и претставува пример не само за регионот, туку и пошироко.
Нагласувајќи го геополитичкиот аспект за важноста на проширувањето на ЕУ со регионот, беше едногласно констатирано дека Западниот Балкан е важен не само за безбедноста и стабилност на ЕУ, туку и за севкупниот економски, политички и општествен напредок на континентот.
На средбата од страна на известителот Кјучук, министерот Османи бил информиран за текот на подготовките на новата Резолуција за напредокот на земјата, документ што традиционално, секоја година го изготвува Европскиот парламент.
Во текот на денот Османи се сретна и со Симон Мордју, дипломатски советник на pретседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и со други високи претставници на ЕУ.