Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Братислава официјално ја отвори македонската амбасада во Словачка, во присуство на својот колега, шефот на словачката дипломатија, Иван Корчок.
– Сигурен сум дека овој нов убав и топол дом на Северна Македонија во Словачка, ова катче ќе биде уште една точка преку која ќе ја развиваме нашата соработка, еден вид хаб низ кој ќе проаѓаат бројни идеи, проекти, иницијативи кои се од заеднички интерес за граѓаните на двете земји. Северна Македонија и Словачка и досега развиваа исклучително позитивни и квалитетни билатерални односи, но сакам да верувам дека со денешниот чин влегуваме во едно ново поглавје на интензивни билатерални односи помеѓу нашите две земји. Убеден сум дека преку Амбасадата ќе го засилиме нашето пријателство кое е во постојан подем, ќе бидеме и фактички многу поблиски, поврзани и секако поефикасни во реализација на нашите амбиции – истакна Османи.
Резидентното дипломатско претставување на Северна Македонија во главниот град на Словачка ќе даде дополнителен поттик за сестран развој на односите меѓу двете држави, велат од македонското МНР.
– Со отворањето на наше дипломатско-конзуларно претставништво во Словачка, напорите за обезбедување на поинтензивна комуникација, посебно на планот на економската соработка, културата, образованието, заштитата на интересите на нашите граѓани и мноштво други активности, ќе придонесат за нова димензија на квалитетот на меѓусебните односи – се наведува воо соопштението.