Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со својот хомолог од Албанија, министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, денес, под покровителство на министрите за надворешни работи на Грција и Романија, Никос Дендиас и Богдан Ауреску ќе одржат видео брифинг со своите колеги, министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, информираат од кабинетот на Османи.
Целта на состанокот е да се рефлектира стратешката дискусија за Западен Балкан, одржана на 10 мај во Брисел и да се реафирмира ангажманот и заложбата на земјите членки кон европската перспектива на земјите од регионот, во пресрет на состаноците на Советот за општи работи во јуни.
Во фокусот на дискусиите ќе бидат досиејата на Северна Македонија и Албанија и нивните оправдани очекувања, Советот во јуни да ги операционализира одлуките за почеток на пристапните преговори, преку усвојување на преговарачките рамки и одржување на првите меѓувладини конференции, стои во писменото соопштение.