Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше обраќање на тема „Ефективен одговор на кризата во јавното здравство со целосно почитување на демократијата, владеењето на правото и човековите права” на видеоконференцијата на сесијата на Комитетот на министри на Советот на Европа со кој претседава Грција, а која се одржува денеска по повод 70-годишнината од стапувањето во сила на Европската конвенција за човекови права.
– Советот на Европа има значајна улога во помагањето на земјите членки ефикасно да одговорат на кризата предизвикана од вирусот ковид-19, притоа осигурувајќи дека преземените мерки не ја поткопуваат заедничката заложба за заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото.
Советот на Европа продолжува да ја поддржува Северна Македонија, особено во контекст на подготовките за преговорите за членство во Европската Унија и во таа насока од особено значење се преземените активности како важен дел од стратешкиот триаголник на Советот на Европа: поставување стандарди -мониторинг- соработка, додека Владата на Северна Македонија е силно определена за целосно почитување на вредностите и принципите на Советот на Европа кои претставуваат патоказ за нашата земја за целосно интегрирање во Европската Унија – истакна Османи во своето обраќање.