Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари редовна работна средба со Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјата, амбасадорот, Дејвид Гир.
Предмет на разговорот беа актуелностите околу усогласувањето на Преговарачката рамка за почеток на ЕУ пристапните преговори на Северна Македонија помеѓу земјите членки на ЕУ во Брисел, претстоечкиот одлучувачки Совет на ЕУ кој ќе се одржи на 8 декември и напорите да се надминат пречките од билатерален карактер со Бугарија.
„Особено го цениме активниот ангажман и принципиелниот став на Европската комисија за постигнување на консензус помеѓу земјите членки на ЕУ за предлог Преговарачката рамка за Северна Македонија и закажувањето на Првата меѓувладина конференција во текот на Германското претседателство со Советот на ЕУ до крајот на 2020 година. Пристапниот преговарачки процес за членство во ЕУ нема алтернатива ниту План Б и дека без разлика на исходот на Советот во декември, Северна Македонија ќе остане посветена на спроведување на реформите со ЕУ предзнак и на унапредување на добрососедските односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија согласно Договорот за пријателство“, истакна Османи.
Соговорниците разговараа и за актуелните внатрешно-политички случувања во државата, состојбата со Пандемијата предизвикана од Ковид-19, состојбите во Регионот, но и за имплементација на постигнатите придобивки од успешното ко-претседателство на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес.