Денеска, со почеток во 11 часот, во претставништвото на УНДП во Брисел, ќе се одржи панел-презентација на студија со наслове „Европскиот пат на Република Северна Македонија: Постигнување побрз, поинклузивен и одржлив раст“, која претставува заеднички проект на Секретаријатот за европски прашања и канцеларијата на УНДП во земјата.
Во рамките на панелот свое обраќање ќе има вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како и постојаниот претставник на УНДП во земјата, Нарине Сахакјан. Покрај домаќините, на панелот се очекува да има обраќање и Дејвид Кулен, раководител на одделението за Македонија и Косово при Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија (ДГ НЕАР), како и претставникот на канцеларијата на УНДП од Брисел, Томас Дедерувардер.
Наодите од студијата ќе ги презентира Фатмир Бесими, советник за економски прашања при Владата и поранешен вицепремиер за европски прашања.
На презентацијата се очекува да присуствуваат голем број ЕУ-амбасадори, претставници од земјите членки во Брисел, делегатите од работната група на Советот на ЕУ за Западен Балкан (КОВЕБ), европарламентарци, претставници на генералните директорати, кои се задолжени да ги следат состојбите во Северна Македонија и Западен Балкан, претставници од кабинетите на новите комесари, ЕУ-претставници што претходно работеле во Македонија, како и други претставници на меѓународни и регионални организации и новинари со седиште во Брисел.