Многупати досега политичките партии на предизборните митинзи за парламентарни и за локални избори, на долнореканците им ветуваа дека кога ќе дојдат на власт веднаш ќе ја реконструираат и ќе ја прошират делницата на патот. Но останаа само ветувањата
Во секоја годишна доба патувањето по долината на реката Радика причинува вистинско уживање и доживување поради природните убавини, реткости и колоритот на пејзажите на недопрената природа на планините надвиснати над реката. Пред некој ден патував во западниот дел на Македонија. По напуштањето на населбата Маврови Анови и Мавровско Езеро, асфалтниот пат е нерамен, полн со дупки, многу кривини, на одделни места и одрони на камења и земја. Возачите со голема внимателност и намалена брзина ја минуваат оваа делница. По минувањето на месноста Трница, за десетина минути возење се спуштивме по долината на реката Радика. Регионалниот пат на неколку места е пропаднат, попуштени се потпорните ѕидови, а неколкуте столпчиња поставени на патот предупредуваат за внимателно возење. За волја на вистината, на неколку стотина метри по сенечките ливади, текот на реката беше пренасочен, за градежниците да можат безбедно да постават поцврст потпорен ѕид и да го санираат пропаднатиот дел од патот во должина од стотина метри. Но срушени се браници на патот покрај реката, на неколку моста е срушена оградата, а асфалтот на патот до Жировничкото Анче одамна е оштетен.
За овие аномалии на делницата на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар, никој не води грижа. Многупати досега политичките партии на предизборните митинзи за парламентарни и за локални избори, на долнореканците им ветуваа дека кога ќе дојдат на власт веднаш ќе ја реконструираат и ќе ја прошират делницата на патот. Но останаа само ветувањата. Жителите на овој ридско-планински, пограничен и пасивен регион се разочарани од ветувањата. Покрај многуте причини и оваа влијае за континуираното иселување и заминување на печалба, а крајот веќе е полупразен.
На сообраќајницата бележевме зголемена фреквенција на автобуси и комбиња што носеа ученици на екскурзија, со туристички групи од државата и од странство, товарни возила… Патниците намерници и туристите уживаа во неповторливиот и привлечен амбиент на регионот, но упатуваа остри критики до надлежните институции и јавните претпријатија, кои не се грижат за овој патен правец, кој е значаен за опстојување на населението, за развојот на етно и манастирскиот туризам… Реконструкцијата и проширувањето на 200-те километри, ќе придонесат за побрз развој на сите сфери во регионот. Последниве години на користење беа дадени угостителските објекти „Трница“, Куќата на Мијаците, во непосредната близина на Бигорскиот манастир и повеќе етно-ресторани во селата Јанче, Гари, Лазарополе и во другите населби, кои на туристите им нудат квалитетен одмор во сместувачки објекти со специфична архитектура, богата понуда на специјалитети приготвени од домашно производи. Покрај ова, и летово ќе продолжи традицијата. Ќе се одржат повеќе културни и спортски манифестации, кои ќе придонесат да се зголемат посетеноста и туристичкиот промет. Ќе се одржат „Галичка свадба“, „Долнореканска питијада“, „Лазарополски илинденски денови“ и сл.
Според познавачите на туристичките околности и на непосредните учесници во организацијата што вложуваат средства, знаење и труд во развој на туризмот во мијачкиот, мавровскиот, горно и долнореканскиот регион, без квалитетни регионални и локални патишта што ги поврзуваат атрактивните и привлечните туристички и излетнички места, културните споменици, црквите и манастирите, не може да се очекува развојот на планинскиот, етно и манастирскиот туризам за што има огромен потенцијал.
На прагот сме на летната туристичка сезона, кога е зголемен интересот на домашните и на странските туристи за престој во западниот дел на Македонија, за посета на Бигорскиот и Раичкиот манастир и на другите цркви и манастири, кои располагаат со исклучително и неповторливо богатство на вредни икони, иконостаси, фрески и други црковни реликти од неколку века. Тука се и водопадот Дуф, кај селото Ростуше, планините Кораб, Крчин, Дешат, Стогово, Бистра, кои располагаат со многу природни убавини.