Народниот правобранител и годинава констатира дека продолжува праксата дел од училиштата неосновано и надвор од закон да им наплаѓаат на учениците/родителите/старателите за издавање на свидетелства за завршено образование.
– Ова потврдува дека некои училишта не ги земаат предвид сериозно реакциите на Народниот правобранител, кој и минатата година јавно укажа дека свидетелството претставува јавна исправа која во еден примерок му се издава на ученикот, и за издавање на истото училиштата не смеат да ги условуваат учениците, односно родителите/старателите со претходно уплаќање на определени средства. Народниот правобранител повикувајќи се на уставно загарантираното право на образование кое согласно законската регулатива е задолжително и бесплатно, укажува надлежните органи – Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат веднаш да ги предупредат училиштата дека не смеат да наплаќаат за издавање на овој документ, и да ги санкционираат сите субјекти кои ќе го сторат тоа, односно ќе го прекршат законот – соопшти Народниот правобранител.
Според него, недозволиво е училиштата да го користат моментот кога децата/учениците и родителите/старателите имаат краток временски рок за обезбедување на потребните документи за упис и да ги примораат да платат за добивање на документ кој според сите прописи е бесплатен.
Народниот правобранител, укажува Државниот просветен инспекторат да им наложи на училиштата веднаш да ги вратат незаконски наплатените средства за издавање на свидетелство и ги охрабрува сите на кои нема да им бидат вратени средствата да се обратат на бесплатната телефонска линија за деца кај Народниот правобранител 0800 88 500, за заштита на своите права.