Околу 70 илјади луѓе во Македонија имаат само по два до три оброка неделно. Потребен е нов закон, промена или дополнување на постоечкиот, со кој ќе се регулира нефрлањето храна и ќе се потикнат компаниите повеќе да донираат храна која ќе им биде донирана на тие што најмногу им е потребна. Македонија како земја има голем потенцијал за развој на банкарството со храна. Ова се дел од пораките кои денеска беа испратени од јавната дебата за донирање и нефрлање храна организирана од страна на здружението „Храна за сите – Банка за храна МК“.
Душко Христов, претседател на здружението „Храна за сите – Банка за храна МК“ истакна дека тие како организација работат паралелно со институциите и со бизнис заедницата, се со цел да се олесни донирањето на храна и да се поттикнат компаниите повеќе да донираат храна.
Тој посочи дека домаќинствата се најголеми расфрлачи на храна во Македонија, а најмногу се фрла леб како производ. Бизнисот, рече, фрла храна, но одреден дел од бизнис заедницата го покрива тој вишок или фрлање на храна.
– Храната од рестораните не се фрла бидејќи и во тие ресторани има луѓе со ниски примања- потенцира Христов.
Како земја пример ја посочи Италија каде пред две години откако бил донесен законот за храна, веднаш било забележано зголемување на донирањето храна од страна на компаниите.
Генералeниот секретар на Европската федерација на банки за храна – ФЕБА најголемата Светска мрежа на Банки за храна, Ангела Фриго, истакна дека Македонија има голем потенцијал за развој на банкарството со храна.
-Потребно е да им се помогне на луѓето и да се спаси вишокот храна. Во ЕУ се работи многу на овој проблем. Големо внимание се посветува на губењето храна. Во тој процес се вклучени и самите институции, особено е вклучена Европската комисија. Во ЕУ 8% од луѓето имаат проблем со материјалната безбедност и се обидуваме да им помогнеме. 88.000 тони се фрла храна и тоа храна почнувајќи од земјоделството, па до самите домаќинства- истакна Фриго.
Светлана Црвенковска од Македонското здружение на млади правници истакна дека според нивните анализи постои простор за дополнување на постоечкиот Закон за нефрлање на храна со што ќе се изрегурилира донирањето и банкарството на храна.
-Имаме солидно основа на законодавство, но немаме директно закон со кој се уредува што значи вишок на храна, кои се тие непрофитни опреатори со храна, кои што би ја дистрибуирале таа храна до сиромашното население, ниту пак имаме листа на производи кои што може да се донираат како храна или листа на корисници на кои што би можело да се донира вишок на храна – истакна Црвенковска.
Посочи дека на Македонија и е потребен нов Закон за нефрлање храна или пак може постоечкото законодавство, пред се Законот за безбедност на храна да вклучи измени и дополнувања.
-Може да се измени и дополни постоечкото законодавство, кое што е прилично обемно, секој вид на храна посебно се уредува како се складира, како се означува, како се транспортира, кој треба само да се измени и дополни во некој дел. Со дополнувањето на Законот за безбедност на храна ќе дојде до промена и на Законот за донација и даночните политики- истакна Црвенковска.