Во 13 општини во земјава, односно во 32 пописни круга, во периодот од 10 до 30 овој месец ќе се спроведе пробен попис на населението, домаќинствата и становите, соопшти Јасмина Ѓорѓиева од Државниот завод за статистика, кој ќе ја спроведе оваа обемна статистичка операција.
Пробниот попис ќе се спроведе во Прилеп, Долнени, Кисела Вода, Зелениково, Гостивар, Кичево, Струга, Свети Николе, Радовиш, Валандово, Куманово, Кратово и во Штип.
Според Ѓорѓиева, со ова Државниот завод забрзано се подготвува за организација и успешно спроведување на следниот попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, што треба да се одржи во периодот од 1 до 21 април 2020 година.
– Пробниот попис претставува еден вид симулација на главниот попис што треба да се спроведе наредната година. Тоа нам ни е неопходна алатка за да ги провериме сите инструменти што се потребни за успешно спроведување на една таква голема статистичка операција. Тоа подразбира дека 32 попишувачи, вработени во Државниот завод за статистика, излегуваат на терен и ги проверуваат сите методолошки аспекти на спроведувањето на попишувањето, како и организациско-техничките подготовки за пописот. Тоа ќе ни послужи да видиме дали сме на вистинскиот пат, што имаме досега направено, што треба да се коригира и да се подобри со цел наредната година да бидеме сериозно, професионално подготвени за успешно спроведување на пописот – рече Ѓорѓиева.
Оваа недела, ДЗС ги информираше сите 13 општини каде ќе се спроведе пробниот попис и наиде на огромна поддршка од градоначалниците и од локалните самоуправи кои понудија сесрдна помош.
– Пописот во наредната година е поразличен од досегашните и има три основни карактеристики со кои се разликува: единствена институција надлежна за спроведување на пописот е ДЗС, ќе се применува комбинираниот метод, што подразбира попишување на теренот, лице в лице и комбинирање со податоци од административни збирки, податоци кои постојат во државата и третата карактеристика е дека ќе се спроведува електронски. Тоа значи дека се олеснува прибирањето на тие податоци и се забрзува постапката на обработката и објавувањето на податоците. На овој начин ќе има можност конечните податоци да бидат објавени по 6 месеци од спроведувањето на пописот. Една од новините е што овој пат ќе се попишуваат и лицата кои се иселени во странство. Затоа апелирам до граѓаните и до сите иселени лица да обезбедат матичен број. За оние кои се иселени ќе има електронска апликација за да може сами да се попишат – објасни Ѓорѓиева.
И пробниот, и главниот попис ќе траат по 21 ден, односно по три недели. Ѓорѓиева е категорична дека нема да се објавуваат податоците од пробниот попис. Тие за Заводот се битни заради проверка на методологијата и на техничките можности.