Во Дипломатскиот клуб во Букурешт годинава првпат како „Ден на македонскиот јазик во Романија“ се прослави 8 Декември, Денот на Свети Климент Охридски. На настанот присуствуваа високи претставници на романските државни институции, сенатори, пратеници, претставници на Друштвото на македоците во Романија и други поканети гости, претставници на други национални малцинства, како и македонската делегација предводена од министерот за дијаспора, Едмонд Адеми.
Свое излагање, информираат од Кабинетот на Адеми, имаа пратеничката на Македонците во парламентот на Романија, Мариана Венера Попеску, министерот Едмонд Адеми, поранешниот министер за правда и надворешни работи на Романија и актуелен сенатор Титус Корлатеан, директорот на Агенцијата за иселеништво Никола Шалваринов, македонскиот амбасадор Габриел Атанасов и претседателката на Друштвото на македонците Лаура Елен Рогобете Кристеску.
Од излагачите беше констатирано дека Македонците во Романија претставуваат мост за соработка и зачувување на традиционалното пријателство меѓу двете земји и двата народи, како на институцинален така и на национален, културен, јазичен план, за вистинско зачување на националниот идентитет, култура и изворното зачувувањето на традицијата.
Министерот Адеми, нагласи дека Македонците во Романија, се мотивирани со верба во знаењата на Конески, но и од духовната упорност и од трпението на Свети Климент, како и од визионерството на Крсте Петков Мисирков и на целата редица македонски дејци и просветители, кои го одбранија заслуженото место на македонскиот јазик како посебност во светската ризница на јазиците.
Тој изрази надеж дека Денот на македонскиот јазик во Романија, ќе продолжи да биде традиционален настан секоја наредна година.
На свеченоста, се истакна дека Романија претставува постојан поддржувач на фундаменталните национални интереси на Република Македонија во насока на евроинтеграциите, регионалната соработка и целокупната стабилност, економскиот и социјалниот просперитет на сите земји од Западниот Балкан.
Беше нагласено дека Романија од 1 јануари 2019 година за време на шестомесечното претседавање со ЕУ, ќе биде главен соговорник за членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Посебно се истакна поддршката за активностите на Владата на РМ во реформските активности како и добивање на датум за започнување на процес за преговори на Македонија за полноправно членство во ЕУ.
За време на настанот „Ден на македонскиот јазик“, од членовите на Друштвото на македонците во Романија имаше богата културно-уметничка програма со изворни народни песни и ора и изложба на слики со мотиви од Македонија.