Белгискиот Совет на министри синоќа го одобри предлог-законот за пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, прв чекор кон целосна ратификација јави дописничката на МИА од Брисел.

На предлог на премиерот Шарл Мишел и министерот за надворешни работи, Дидие Рејндерс, советот на министри на белгиската влада го одобри предлог-законот за зачленувањето на Северна Македонија во Алијансата.

Пред да биде ратификуван во Парламентот, пристапниот протокол мора прво да помине преку Државниот совет, кој треба да даде мислење.

Државниот совет има консултативна улога во законодавните материи и има должност да ја испита законитоста на предлог-законите пред усвојување во парламентот. Иако неговите мислења не се обврзувачки, овој чекор е дел од вообичаена пракса во Белгија.

Откако Државниот совет ќе се произнесе, предлог-законот ќе му биде предаден на федералниот парламент за ратификација, другите регионални парламенти на земјата не се инволвирани во овој процес.

Од Министерството за надворешни работи на Белгија за МИА велат дека не се во можност за сега да кажат колку време ќе му треба на Државниот совет да го даде своето мислење и да се пушти протоколот во парламентарна процедура, но дека станува збор за сосема нормална процедура и дека не се очекуваат никакви пречки.