Во рамките на отворениот ден за новинарите, завчера на армискиот полигон Криволак беа презентирани дел од активностите на македонските и на американските војници, кои учествуваат на воената вежба „Одлучен удар“. Македонските војници изведуваа тактичка вежба со боево гаѓање – вод во напад, додека Американците изведоа показна вежба со употреба на борбеното оклопно возило „страјкер“.
„Одлучен удар“ е најголемата вежба што досега се одржала во нашата земјава. На неа, покрај македонската и американската армија, кои учествуваат со по 1.300 војници, застапени се и армиите на Црна Гора со 75, Литванија со 10 и Бугарија и Албанија со по 25 војници.
Целта на вежбата е да се обезбеди зголемување на нивото на интероперативност, зголемување на интеракцијата помеѓу сите учесници и оспособеност за заедничко функционирање на сите елементи во некоја идна заедничка операција.