Граѓанскиот суд во Скопје го одби тужбеното барање на обвинителката Вилма Рускоска против Игор Јанушев и Христијан Мицкоски, односно против ВМРО-ДПМНЕ.
Писмената пресуда со образложението ќе им биде доставена на странките во рок од осум дена. Полномошникот на Рускоска, адвокат Панче Ефтимов, најави дека ќе чекаат да го добијат образложението на изработената пресуда и оти ќе се жалат.
– Ќе видиме какво ќе биде образложението во писмената изработена пресуда и соодветно на истата ќе се жалиме. Според нас исполнети се услови за утврдување на клевета и одговорност за клевета, но ќе видиме судот како размислувал и што била намерата – рече Ефтимов.
Поднесената тужба за клевета од страна на Рускоска, уследи по последната изборна кампања на коалицијата „За обнова на Македонија”, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, каде обвинителката се прикажува во негативен контекст во два рекламни спотови „Криминална приказна” и „Штаб на лагите”. Рускоска бараше отштета од 615 илјади денари во овој случај.