Од формирањето на единицата, како формациски, односно организациски дел на нашата полиција, на 13 март 1981 година, па сè до денес генерации нејзини припадници изградија еден маркантен, професионален историјат, етаблирајќи се како препознатлива и почитувана единица со кадар чиишто храброст и потенцијал овозможуваат секогаш да биде подготвена и да одговори на сите поставени работни задачи и предизвици, независно колку биле сложени и специфични, истакна министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, во обраќањето пред припадниците на Единицата за специјални задачи „Тигар“ на одблежување на денот на единицата.
– Како министер за внатрешни работи имам огромна почит и благодарност на сите оние припадници на ЕСЗ кои ги дадоа животите на браникот на татковината. Нивната жртва не смее и нема да биде заборавена. За вас и за сите кои досега го носеле амблемот со тигарот на нивната униформа и во нивното срце, љубовта кон професијата, кон својата земја и обврската кон граѓаните биле и се на прво место и ние сме ви бескрајно благодарни за тоа – потенцираше министерот Чулев во обраќањето.
Честитајќи го јубилејот, министерот порача дека секој од нив е свесен за значењето и улогата на ваков вид безбедносна служба, така што мораме и во иднина, континуирано, да вложуваме во развојот и работата на ЕСЗ и не само заради одржување на највисоките европски и светски стандарди за функционирање на ваков вид специјални полициски единици, туку и заради безбедноста и спокојот на секој наш граѓанин.
На одбележувањето на денот на ЕСЗ „Тигар“ присуствуваа и Славјанка Петровска, дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски.