Визијата на државата за заштита на животната средина во постигнувањето на зелената ЕУ агенда, напредокот во усогласувањето на националното законодавство во областа животна средина со европското право, подготвеноста на државата и динамиката за искористување на предпристапните ЕУ фондови во областа, како и предизвиците со кои се соочуваме во заштитата на животната средина, беа во фокусот на разговорите што министерот за животна средина и просторно планирање ги имаше со делегација од францускиот Сенат.
Средбата е организирана во рамки на посетата на француската делегација на групата за меѓупарламентарно пријателство Франција-Западен Балкан на Сенатот на Француската Република.
Сенаторката Марта Де Сидрак, претседателка на групата, а воедно и заменик претседател на Парламентарниот Комитет за регионално планирање и одржлив развој, ја истакна заложбата на француската влада за регионална соработка и поддршка во заложбите за заштита на животната средина во нашата земја.
Министерот Насер Нуредини увери дека поддршката од страна на Франција отвара широко поле на соработка во повеќе економски сфери и изрази задоволство од фактот што Франција е подготвена да биде наш стратешки партнер во заштитата на животната средина и климатските промени. Исто така, тој информира за актуелните стратешки приоритети и активности што се реализираат од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање, како и за широкиот спектар на проекти и области за можна соработка, кои би ги поттикнале француските институции за пренесување на нивните искуства, а воедно би биле и поттик на француските компании да инвестираат во земјава.
Целта на соработката е зајакнување на регионалната соработка, поддршка во евроинтегративниот процес и реформи за побрз одржлив економски и социјален развој, преку поддршка на еколошко одржливи проекти, компатибилни со Договорот од Париз.