Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски се обрати на регионалната работилница на тема „Новинарството за безбедносните предизвици во новото време“ што се одржа во хотел Мериот.
На конференцијата воведни зборови имаа и Борче Петревски, национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Амер Капетановиќ, шеф на политичкиот оддел на Регионалниот совет за соработка како и Александар Меламед, шеф на прес и комуникацискиот тим при Делегацијата на Европската Унија во Македонија.
Поповски во оваа пригода истакна дека во време кога има чести појави на екстремизам, екстремно насилство и тероризам, последиците ги чувствуваат граѓаните и поширокото општество.
– Медиумското известување и новинарските истражувачки стории за феномените на насилниот екстремизам и тероризам резултираат со напади врз новинарите од страна на екстремистите и нивните симпатизери. Тоа се напади врз животот на новинарите и другите медиумски работници и врз интегритетот на професијата и врз вистината – подвлече Поповски.
Тој истакна дека постоењето на слободни медиуми е клучен фактор во борбата против насилниот екстремизам.
Според истражувањето на интернет цензурата, рече Поповски, Македонија е рангирана меѓу земјите со најмалку онлајн ограничувања во светот и дека ова е оставено на целосна саморегулација на новинарите и почитувањето на етичките стандарди и борбата против говорот на омраза во медиумите.
Видливиот напредок во слободата на говор и изразување во Македонија е констатиран во извештаите на Европската Комисија, на Репортери без граници, Фридoм хаус, а за прв пат една влада усвои Стратегија за транспарентност чие значење е истакнато во најновиот извештај на Европската Комисија.
Поповски истакна дека во насока на спречување на опасностите од ширењето на лажните вести и сајбер заканите, Владата изработи и акциски план и формира акциска група за борба против дезинформациите и нападите врз демократијата.
Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Борче Петревски во своето обраќање посочи дека медиумите имаат голема одговорност во борбата против екстремизмот и дека во ваков случај треба особено внимателно и димензионирано да се известува.
Амер Капетановиќ, шеф на политичкиот оддел на Регионалниот совет за соработка, истакна дека сѐ почесто сме сведоци и консументи на информации создавани и пласирани без да се води грижа за етичноста. Тој повлече дека во ерата на дигиталните медиуми не е фер целосната одговорност за непрофесионалното информирање да ја сносат исклучиво новинарите, но дека тие честопати во трката по информации и „кликови“, продуцираат лажни вести без увид во последиците.
Шефот на политичкиот оддел на Регионалниот совет за соработка Александар Меламед ја поздрави заложбата на владата за зголемување на медиумската писменост и нејзино воведување во формалното образование.