Независниот синдикат за образование и наука смета дека достоинството на професијата на вработените во образованието одамна е избледено и поставено на маргините, кога станува збор за почитување на работничките права.
– На дел од колеги кои не се членови на СОНК им беа намалени денови од годишниот одмор, а на други не им се почитува волјата да отстапат од синдикатот и ставени се во позиција без нивна волја да им се одзема членарина за организација во која имаат изгубено доверба. За овие проблеми веќе одамна се имаме обратено до Народниот правобранител, Државниот инспекторат за труд, Просветниот инспекторат, локалната самоуправа, а известени се и министрите за образование и за труд и социјална политика, но проблемите сѐ уште не се решени, изјави денеска Жаклина Свеќаровска, претставник на Независниот синдикат за образование и наука.
Таа посочи дека доколку овие проблеми не бидат сериозно сфатени и решени во најбрз можен рок, Независниот синдикат за образование и наука за ваквата состојба ќе пријави во европските организации за заштита на работничките права.
– Во моментот изгледа како некој во нашата држава свесно да премолчува за притисоците и нерегуларностите во образованието. Ќе поднесеме и кривични пријави против сите чинители кои не постапиле за решавање на овие проблеми и покрај тоа што за истите беа известени во повеќе наврати, додаде Свеќаровска.