Зимското сметање на времето почнува ноќва на 31 октомври во 3 часот по полноќ со поместување на времето за еден час наназад. Со тоа времето во 3 ќе се смета како 2 часот.
Интересно е што промената на времето годинава се поклопува со денот на вториот круг на локалните избори во Македонија.
Промената на часовниците со години подлежи на дебата поради тврдењата дека предизвикува низа здравствени и психолошки нарушувања кај човекот. Според некои научници, поместувањето на часовникот може да доведе до низа тегоби, како што се мигрени, нервоза и депресија, губење на енергијата.
Европскиот парламент на 4 март 2019 изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година. Сепак, Советот на ЕУ не ја донесе конечната одлука.
Сезонското менување на времето, освен во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. Исклучок се Русија, Белорусија и Исланд.