Без двоумење може да се пофалиме дека македонскиот е еден од најстарите, најразвиените и најмодерните нотаријати во регионот, но и пошироко

Нотарска комора на Република Македонија на 15 јуни одбележува 20 успешни години постоење и функционирање и во тој контекст Васил Кузманоски, претседателот на Нотарската комора, за „Нова Македонија“ говори за голем број теми поврзани со предизвиците со кои нотаријатот во Македонија се соочува денес и кои го очекуваат во иднина

Нотаријатот во Македонија на 15 јуни одбележува јубилеј од своето постоење. Можете ли да ни кажете повеќе околу тоа?
– Пред точно 20 години, во правниот систем на Република Македонија со работа почнаа првите нотари, со што се воспоставени темелите на македонскиот нотаријат и е исполнета една од претпоставките за функционирање на Република Македонија како модерна правна држава. Всушност, почнувањето со работа на првите именувани нотари де факто значеше и воведување на една нова институција во правниот систем на државата – нотаријат, кој на 15 јуни годинава навршува успешни 20 години постоење и функционирање.

Дали на оваа исклучително битна манифестација во Македонија ќе присуствуваат високи гости од странство и од дома и дали можеби би можеле да истакнете некои од битните имиња што ќе присуствуваат на оваа свеченост на македонскиот нотаријат?
– По повод свеченото одбележување на овој значаен настан, не само за нас нотарите туку и за државата, која ни пренесе дел од нејзиниот суверенитет и доверба да дејствуваме во нејзино име, Нотарската комора на Република Македонија ќе организира свечена академија на 16 јуни 2018 година во хотелот „Холидеј ин“ – Скопје. На овој свечен настан со свои поздравни говори ќе се обратат претседателот на Меѓународната унија на латински нотаријат, г. Хозе Маркењо де Ллано, потпретседателот на Германската сојузна нотарска комора, г. Ричард Бок, како и други претставници на меѓународната заедница и високи делегации од нотарските комори на Турција, Хрватска, Словенија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Република Српска, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, кои специјално за оваа пригода ќе допатуваат во нашата земја. Свое присуство на настанот се очекува да имаат и високи гости од земјава, а посебно од Владата на Република Македонија, Министерството за правда, кое е наше матично министерство, Врховниот суд на РМ, Агенцијата за катастар на недвижности, Централниот регистар, Управата за финансиско разузнавање, универзитетски професори и претставници од други институции, кои на одреден начин имаат придонесено за развојот и за унапредувањето на нотаријатот и со кои заеднички дејствуваме во усовршувањето на нашиот правосуден систем.

Постои ли меѓународна соработка меѓу македонската комора на нотари и сличните тела од регионот и од светот и какви искуства од работата на коморите на другите земји може да се преточат кај нас во Македонија?
– Постоењето на нотаријатот има посебно значење за меѓународноправните односи. Македонскиот нотаријат е вклучен во системот на Латинскиот нотаријат, преку прифаќање и имплементирање на неговите принципи, што се потврди со приемот на Нотарската комора на Република Македонија во Унијата на Латинскиот нотаријат на конгресот во Атина на 30 септември 2001 год. Денес Унијата, вклучува 87 држави низ 5-те континенти, и имено 15 од 19 држави од Г20, 22 од 28-те држави-членки на Европската Унија, што е две третини од светската популација или повеќе од 60 проценти од глобалниот БДП. Нотаријатот на Република Македонија, денес е цврсто позициониран во телата на Унијата, каде што се реферира за сите законски новини во земјите-членки, се учествува во изработка на стручни материјали со другите членки, во донесување на сите стратегиски и кадровски одлуки, кои се однесуваат на сите тела на Унијата и се врши промоција и интегрирање на македонскиот нотаријат. Од минатата година, Нотарската комора на Република Македонија активно се стреми за приближување кон Европската Унија во чии рамки функционира и Советот на нотаријатите во Европа (СНЕ), официјално тело што ја претставува нотарската професија во односите со европските институции и ги изразува заедничките одлуки на своите членови во институциите на Европската Унија. Приемот на Нотарска комора на Република Македонија за член-набљудувач во ова европско тело е особено значаен заради размената на искуства со нотаријатите во ЕУ, кое е потребно доколку се земе предвид важноста на поглавјето 3.23 Правосудство и фундаментална правда. Додека, пак, од регионален аспект, без двоумење може да се пофалиме дека македонскиот е еден од најстарите, најразвиените и најмодерните нотаријати во регионот, но и пошироко. Сето ова се должи на големиот број посети, средби и семинари со регионалните нотарски комори.

Каква е општествената и државна важност на нотарите и на кој начин тие ја оправдуваат својата професија во Република Македонија?
– Од оваа временска дистанца, по 20 години, анализирајќи ја придобивката од функционирањето на нотаријатот, како дел од правосудниот систем, рамо до рамо со другите чинители, несомнено може да се заклучи дека државата разви институција што обезбедува предуслови за социјална благосостојба и за економска ефикасност. Неговото воведување позитивно се одрази врз целокупното функционирање на правниот систем во државата. Како модерен јавен сервис на граѓаните, државните органи, правните лица и на другите заинтересирани субјекти, успешно одговори на потребата за остварување побрза, поефикасна и поевтина заштита на правата и на правните интереси, олеснување и побрзо одвивање на правниот промет, зголемување на правната сигурност и, секако, растоварување на правосудството по пат на избегнување спорови и по пат на пренесување одредени надлежности на нотарите од областа на вонпарничното постапување. Денес, во Република Македонија нотарите вршат мисија од општ интерес во име на државата во разновидни области на правото, а на документите што ги склучуваат лицата, им обезбедуваат законитост и правна сигурност. Превентивниот филтер на нотарите ги штити судовите од големо количество дополнителен обем на работа. Нотарите во Македонија се регистрираат и доставуваат релевантни податоци и документи по електронски пат и на тој начин се суштински и интегриран партнер на современите модерни регистри. Интервенцијата на нотарите е една од можните форми за ефикасно креирање сигурност.

Какви се вашите планови за иднината поврзани со натамошниот развој на оваа исклучително битна професија за државата?
– Искуството стекнато во изминатите 20 години се отсликува во нотарската практика, која во секој поглед одговара на меѓународните стандарди. Насочен кон иднината, тежиштето на нотаријатот ќе се концентрира на остварување на можностите за оправдување на претпоставените интервенции за слободата на настанување и давање услуги на граѓаните.
Нашите идни стремежи ќе бидат насочени кон натамошно имплементирање на современите достигнувања во областа на нотаријатот, следејќи ги компаративните искуства и европските стандарди во однос на модернизирање на граѓанското законодавство. Нотаријатот во иднина ќе се адаптира и подготвува за новите форми и промените што ги наменува технолошкиот развој и за новините што секојдневно ги носи информатичката и комуникациската технологија. Еден од предизвиците за кој во иднина ќе се залагаме е основање нотарска академија, која ќе биде основен темел и филтер за креирање стручни нотарски кадри во нашата држава. Програмираните активности на планот на континуирана едукација на нотарите, ќе бидат клучен фактор за поефикасно и за поуспешно работење за доследно и успешно извршување на доверените надлежности од државата.


Ќе се залагаме е основање нотарска академија

Какви се вашите планови за иднината поврзани со натамошниот развој на оваа исклучително битна професија за државата?
– Искуството стекнато во изминатите 20 години се отсликува во нотарската практика, која во секој поглед одговара на меѓународните стандарди. Насочен кон иднината, тежиштето на нотаријатот ќе се концентрира на остварување на можностите за оправдување на претпоставените интервенции за слободата на настанување и давање услуги на граѓаните. Нашите идни стремежи ќе бидат насочени кон натамошно имплементирање на современите достигнувања во областа на нотаријатот, следејќи ги компаративните искуства и европските стандарди во однос на модернизирање на граѓанското законодавство. Нотаријатот во иднина ќе се адаптира и подготвува за новите форми и промените што ги наменува технолошкиот развој и за новините што секојдневно ги носи информатичката и комуникациската технологија. Еден од предизвиците за кој во иднина ќе се залагаме е основање нотарска академија, која ќе биде основен темел и филтер за креирање стручни нотарски кадри во нашата држава. Програмираните активности на планот на континуирана едукација на нотарите, ќе бидат клучен фактор за поефикасно и за поуспешно работење за доследно и успешно извршување на доверените надлежности од државата.