Оваа хиротонија има големо значење за самата МПЦ-ОА, но и за струмичката епархија, зашто во нејзината понова историја отец Јаков е архијереј што целиот свој црковен живот го изградил во оваа епархија, а сега останува таму да им биде духовна поткрепа на верниците
Епископот полјански Јаков е првиот владика што по повеќе од еден век вчера беше хиротонисан во манастирот „Покров на пресвета Богородица и свети Леонтиј Ерусалимски“ во селото Водоча во струмичката епархија. Тој стана тринаесеттиот член на Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и официјален помошник на струмичкиот митрополит, г. Наум.
Црквата беше полна со верници, а оние што не можеа да влезат внатре, хиротонијата ја следеа од дворот на манастирот. Покрај посетителите од целата земја, имаше и гости од соседна Бугарија.
На хиротонијата присуствуваа и премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и градоначалниците на Струмица и на Дојран.
Оваа хиротонија има големо значење за самата МПЦ-ОА, но и за струмичката епархија, зашто во нејзината понова историја отец Јаков е архијереј што целиот свој црковен живот го изградил во оваа епархија, а сега останува таму да им биде духовна поткрепа на верниците.
Отец Јаков ги прими одеждата, жезолот и митрата од рацете на архиепископот г.г. Стефан, поглавар на МПЦ, кој заедно со членовите на Синодот отслужи литургија за хиротонијата на новоизбраниот епископ.
Г.г. Стефан упати пораки до новиот владика за успешна и плодна работа, посочувајќи му кон што треба да цели и како да биде пример за верниците.
– Како помошен епископ, трудете се достојно и достоинствено да ги извршувате задолженијата што ќе ви бидат овозможени, а пред сè трудете се постојано да го проповедате Светото евангелие. Бидете постојано исполнет со љубов за сите и со трпение кон сите. Одѕивајте се на духовните потреби на верниот народ. Бидете секогаш подготвен да им дадете утешителен збор, потребен совет на оние што ќе ви го побараат тоа. Оние што скршнале упатувајте ги на правиот пат. Бидете секогаш подготвен да им помогнете на оние што останале без надеж, на оние на кои им исчезнала љубовта, им згаснала верата. Поучувајте со збор, но најмногу со добар пример – порача поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во обраќањето по завршувањето на Божествената литургија.
Отец Јаков е вториот викарен (помошник) епископ во МПЦ-ОА. Титула на викарен епископ има и епископот хераклејски Климент од манастирот во Зрзе, кој наедно е и секретар на Синодот на МПЦ.
Отец Јаков е замонашен во 2005 година од митрополитот Наум во манастирот во Водоча.
Во 2017 година бил избран за архимандрит во храмот „Свети Григориј Палама и свети Димитриј“ во Струмица, а веќе во септември годинава е прогласен за викарен епископ. Последен пат нови владици во МПЦ беа избрани во 2012 година, како владиката Јосиф од полошко-кумановска епархија и владиката Јосиф од тетовската епархија.