Претседателот Стево Пендаровски годинава нема да одржи говор на чествувањето на празникот Илинден на Мечкин Камен, согласно со воведувањето на новиот концепт за одбележување на 2 август, како што беше соопштено на денешниот брифинг со новинарите. Во Крушево се поканети лидерите на сите политички партии со цел државниот врв да се собере на едно место, без да има одделни чествувања. Присуството досега го потврдил само претседателот на ДУИ Али Ахмети.
Предвидено е централната манифестација да почне по 18 часот за да можат да присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев, кои годинава треба да бидат на одбележувањето на Илинден во Скопје, односно во Пелинце. Претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собранието, согласно досегашната практика секоја година присуствуваат во Крушево, Пелинце и во Скопје, по принцип на ротација.
Според најавите од кабинетот на Пендаровски, програмата ќе почне со читање на илинденски пораки и Крушевскиот манифест од страна на актерот Никола Ристановски, ап отоа ќе настапи Влатко Стефановски. Пендаровски ќе има видеообраќање во траење од две минути. А предвидени се и настапи на Танец, албански ансамбл за песни и ора и ора на Воениот оркестар. Во Крушево ќе биде и традиционалната коњаница, а ќе маршира и почесен баталјон на АРМ.