Ваквиот показател лесно може да се увиди според цитирањето и споделувањето на нашите тематски анализи во регионалните големи медиумски куќи од рангот на РТС, хрватскиот „Јутарни лист“, грчката НТВ Антена, Танјуг, Слободна Европа, бугарската информативна агенција Фокус, германскиот „Франфуртер“ и редица други влијателни медиумски куќи

Првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, кој годинава одбележува 75 години од своето постоење, е медиум што е најцитиран во регионот, и чии содржини се преземаат и се пренесуваат и надвор од државата, но и во неа. Ваквиот показател лесно може да се увиди од споделувањето на нашите тематски анализи во регионалните големи медиумски куќи од рангот на РТС, хрватскиот „Јутарни лист“, грчката НТВ Антена, Танјуг, Слободна Европа, бугарската информативна агенција Фокус, германскиот Франфуртер и редица други влијателни медиумски куќи.

Ова во суштина претставува најдобар доказ и показател за професионалната ориентација и високите новинарски стандарди, кои во секој текст и со секој нареден број ги негува и вградува првиот македонски дневен весник од неговото формирање па до денес. Признанието е дотолку поголемо што доаѓа во време кога регионот и светот се соочуваат со глобалниот феномен на лажните вести, при што големите медиумски куќи точно знаат кому можат да му веруваат, чии содржини се точни, веродостојни и професионално обработени. Во таа насока наши текстови и анализи изминатиов период беа предмет на позитивна критика и одглас кај поголем број влијателни и сериозни медиумски куќи како во Србија, Грција, Бугарија, Хрватска, но и пошироко од Балканот во Франција, Германија па дури и во Британија…

Токму во тој контекст, мора да констатираме дека колегите од медиумските куќи многу поголеми од нашата, речиси секојдневно ги пренесуваат и ги цитираат анализите и темите што се обработуваат во првиот македонски весник „Нова Македонија“, а се од сегментот на политиката, одбраната, економија, спортот итн. Во низата цитати и повикувања на пишувањата во „Нова Македонија“ вреди да се спомене и последната на српската национална телевизија и нејзиниот интернет-портал РТС, која беше споделена на Балканот и се однесуваше на анализата во весникот за тоа колку со влезот во НАТО нашата војска ќе треба да го исфрли од употреба и да го уништи постариот арсенал на вооружување. Оваа безбедносна анализа беше споделена и преземена по неколку илјади пати како во регионалните медиуми така и во светските новинарски куќи.

Дополнително Радио Слободна Европа, истакнат професионален препознатлив медиумски сервис, речиси секојдневно се повикува на пишувањата во „Нова Македонија“ од кое вреди да се истакне и она последното околу изборните слогани што ќе ги употребуваат претседателските кандидати за време на претстојниот изборен циклус. Темите и анализите од рубриките спорт и свет, константно се наоѓаат на првите страници од интернет-порталите на медиумите од соседството. Во таа насока останувајќи и натаму цврсто на својата уредувачка политика и темелните професионални определби во своето работење, „Нова Македонија“ потврдува дека ќе остане на принципите на професионалното новинарството и пред сѐ штитејќи го јавниот интерес на граѓаните на Македонија и во годините што ќе следуваат.

Во исто време дневниот весник, но и неговиот портал novamakedonija.com.mk е јасна и силна потврда дека остануваме на линијата што ја постави првиот дневен весник на македонски јазик „Нова Македонија“, во далечната 1944 година – да бидеме секогаш во служба на јавноста и читателите, како вистински народен лист, како што е напишано и во уводниот прв број на весникот во 1944 година. Сосема за крај, сите сугестии, коментари и реакции ќе ни послужат да го развиваме порталот, но и печатениот медиум на ново и уште повисоко ниво за да допреме до сите што сакаат да прочитаат точна, навремена и проверена информација.

[email protected]


Најпренесувани и дома иако често без наведување на изворот

Фото: Игор Бансколиев

И додека странските медиуми нѐ пренесуваат и цитираат, во одреден број домашните портали и електронски медиуми се преземаат авторски текстови и се репродуцирааат понатаму, но без да се наведе изворот – „Нова Македонија“. Токму поради ваквите злоупотреби првиот македонски весник неколкупати реагира и до Здружението на новинари на Македонија и неговиот Етички совет, кои исто така ги евидентирале и воочиле овие лоши практики. Крадењето на туѓиот труд и китење со туѓи перја, секако, не е добро за новинарството и во таа насока очекуваме и во иднина надлежните да реагираат и да ги превенираат и санкционираат ваквите појави.