Директорот на Државниот студентски центар „Скопје“, Дарио Николовски, денеска на прес-конференција информираше за последната одлука на Владата според која Министерството за образование е задолжено да го реконструира Студентскиот дом „Стив Наумов“ и во целост да ги стави во функција сите 1221 легла во зградите 1,2 и 3.
Истакнувајќи дека на овој начин на студентите ќе им се овозможат достоинствени услови за живот и учење, Николовски посочи Студентскиот центар заедно со Министерството за образование и наука и со Владата, интензивно работи на подобрување на условите и во другите студентски домови. Николовски додаде дека паралелно се води грижа и за парковите во студентските домови.
-Досега Владата двапати финансиски нè поддржа со покривање режиски трошоци од над 100 милиони денари, со што се подмирија дел од наследените долгови и се одблокира нашата работа. Во процедура е предлог-законот за изменување на Законот за студентскиот стандард по скратена постапка, со цел да се овозможи државата да може да ги подмири долговите во делот на режиските трошоци, а истото да го направи и за сите други работи- рече директорот на Државниот студентски центар „Скопје“, Дарио Николовски.
Тој нагласи дека Државниот студентски центар е една од првите државни институции коиашто се вклучија во Планот за чист воздух и институција којашто ќе ги намали трошоците за греење.
-Потпишавме меморандуми за соработка со општините Центар и Гази Баба, а во наредниот период ќе потпишеме исти такви меморандуми и со општина Карпош и Град Скопје со цел заеднички да се посветиме на работа во интерес на студентите, за поголемо ниво на одржување на хигиената, безбедноста и уредување на јавните површини. Исто така, потпишавме меморандум за соработка со МОФ и презедовме обврски заедно да работиме на повеќе проекти. Заедно со МОФ работиме и на истражување на студентскиот стандард со цел да ги подобриме условите и начинот на живеење- додаде Николовски.
Потсети дека од сега сите студенти имаат можност да аплицираат за европската младинска картичка со којашто ќе можат да ползуваат многу бенефиции и можности.