МАКЕДОНЦИТЕ ОД САД, АВСТРАЛИЈА, КАНАДА И ОД ЕВРОПА СО ЦВРСТИ СТАВОВИ

Македонската дијаспора е на нозе. Велат дека не можат и немаат во план да се помират со промената на уставното име на земјава. Тие веќе подолго време реагираат и апелираат до граѓаните да дадат свој отпор против како што велат ненародната власт, која, според нив, присилно извршила промена на името на државата.
Македонците од Канада и од Австралија велат дека никогаш нема да ја прифатат промената на името и никогаш нема да се согласат со новото име.
Заедницата на Македонци од Канада неодамна информира дека го отфрла наметнатиот обид за менување на името на Република Македонија.

– Владеење на правото, демократските принципи, човековите права и почитување на волјата на народот се вредностите според кои западните земји наводно се водат, но, сепак, тие брутално ги кршат овие вредности со процесот што ѝ го наметнаа на Република Македонија за да ги сменат името, идентитетот и историјата на Македонија и на сите Македонци низ светот – реагираат од заедницата на Македонците во Канада.
Тие велат дека ја осудуваат секоја употреба на илегалното и наметнато име „Северна Македонија“ и расистичкиот израз „Северни Македонци“ наместо Република Македонија и Македонци.

Слични ставови имаат и Македонците од Америка, Австралија и Европа, кои сметаат дека е извршено предавство на татковината и македонскиот народ, Уставот, идентитетот, името, историјата и сѐ што е суштина на македонскиот бит и суверено право на постоење на македонскиот народ. Д.Т.З.