Во текот на попладневните и вечерните часови како резултат на циклонска активност на територијата на Македонија се најавуваат локални врнежи дожд кои на места ќе бидат со умерен до засилен интензитет и ќе бидат позастапени во западните и северните делови од земјата.
Според УХМР, овие врнежи поради нивниот локален и краткотраен карактер, не се очекува да предизвикаат излевање на поголемите реки низ земјава иако е можно извесно зголемување на нивниот водостој.
– Доколку ваквите краткотрајни интензивни врнежи дожд на некои места (особено во западните и северните делови на земјата) бидат со висок интензитет, можно е да предизвикаат брзо истекување кај малите реки и суводолиците низ земјава. Исто така, доколку процесите бидат поинтензивни проследени со силен ветер и во форма на невреме, можно е во градските урбани средини (во северните и северозападните делови) поради неможноста за впивање на водата, да предизвикаат брзо истекување низ градските улици, наведува УХМР.
Поради најавениот ветер од јужен правец, пак, можно е да се очекува појава на бранови долж крајбрежјето на Охридското Езеро.
УХМР препорачува внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците, како и на сите места каде во текот на попладневните и вечерните часови се очекуваат интензивни поројни врнежи дожд.