По експресната реакција на кинеските власти, кои изградија болница за шест дена нужно се наметнува прашањето може ли Македонија да се носи со слични предизвици. Оваа дилема е вредна за анализа, особено сега во период на светска опасност од коронавирусот, кога државите забрзано спроведуваат превентивни мерки
Додека бројот на заразените од коронавирусот во Кина, но и во други земји рапидно расте, како еден од начините за брзо справување со епидемијата, властите во кинескиот град Вухан за само шест дена изградија болница со илјада легла за третман на заразените пациенти. Според кинеските медиуми, болницата е монтажна, а во моментов се гради уште една болница во Леишеншен, која се очекува да биде готова за некој ден, така што двете заедно ќе имаат 2.600 кревети. По ваквата експресна реакција на кинеските власти, нужно се наметнува прашањето може ли Македонија да се носи со слични предизвици или е осудена секогаш да реагира задоцнето, откако ќе се случи нешто што би ги мобилизирало сите институции? Оваа дилема е вредна за анализа, особено сега во период на светска опасност од коронавирусот, кога државите забрзано спроведуваат превентивни мерки. Македонскиот систем на организација се чини дека е неподготвен на сличен начин да одговори, иако во кризни ситуации во минатото успевал да се справи, но со помош од страна. Таков бил случајот со рекордно брзата изградба на поликлиниката „Букурешт“, позната како румунска болница, која била градена како донација од Владата на Романија во рамките на солидарната акција за обнова на Скопје по земјотресот во 1963 година.
Но поновите искуства покажуваат дека државата со години не успева да го реализира ниту повеќепати најавуваниот почеток на изградбата на новиот клинички центар во Скопје.
Познавачите на состојбите велат дека Македонија како држава има сериозен проблем со организациските капацитети и со концептот на подготовка на стратегија за превенирање катастрофи. Изминативе речиси 30 години независност овој општествен сегмент е ставен во состојба на статус кво, без никакви иницијативи за негово развивање. Не само што државата нема план и стратегија за каков било превентивен одговор на катастрофи, туку и некогашните изградени капацитети денес не се одржувани и не се функционални.
Така, според здравствените работници, освен Инфективната клиника, која би можела да одговори на потребите за заразни болести, како коронавирусот, преостанатите клиники би биле неподготвени да одговорат во такви ситуации.
Сепак, епидемиолозите велат дека не можат да се споредуваат здравствените капацитети на Кина и на Македонија, зашто станува збор за неспоредливи држави од секој аспект.
Инаку, како што посочуваат епидемиолозите, во Македонија засега нема заболени, и нема стравувања дека состојбата би ескалирала.
– Се справивме со САРС, со свински грип, кој беше сериозен вирус и кај нас имаше 45 смртни случаи. И со епидемијата од морбили, со која се боревме цела година, имавме успешен исход. Смртноста од овој вирус е три отсто и засега немаме опасност и не треба посебно да превенираме. Сепак, ако дојде до епидемија од катастрофални размери, никој нема да може да нѐ спаси – посочуваат епидемиолозите од Институтот за јавно здравје.
Колку многу е важно да се предвидат одредени состојби, потврдуваат и од градежниот сектор, истакнувајќи дека сѐ може да се изгради за краток рок, ако претходно е подготвен проект.
Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), вели дека за изградба на каков било нов објект е потребно претходно да бидат поставени работите и да се има проектна документација.
– Кинезите размислуваат неколку чекори напред и секогаш имаат дополнителни опции за решавање одредени состојби. Ние не сме научени на таков начин да функционираме, но сѐ може да се изгради за брзо време, особено такви монтажни објекти со метална конструкција. Сепак, здравствените власти се тие што треба да предвидуваат состојби за оваа тематика. Ако постои проект, тој може брзо и лесно да се реализира – посочува Јакимовски.
Паралелно со сето тоа, министерот за здравство Венко Филипче уверува дека надлежните институции се подготвени за справување со коронавирусот.
Веќе е регистриран прв смртен случај од коронавирус надвор од границите на Кина. Досега има над 300 починати и повеќе од 14 илјади заразени со коронавирусот, кој од Вухан се прошири на речиси сите континенти.
Кога граѓаните да го очекуваат новиот клинички центар
Иако, според најавите, темелите на грандиозниот објект во населбата Ѓорче Петров требаше да бидат ставени на почетокот на оваа година од тоа сѐ уште нема ништо. Доцни процедура за реализација, се поместуваат или развлекуваат постапките.
Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, во моментов, е најголем здравствен комплекс во Република Македонија, на површина од 17 хектари. Се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 лица, од кои 2.300 лица медицински персонал и 1.100 лица административен и технички персонал. Низ комплексот клиники на годишно ниво минуваат повеќе од 800.000 посетители, односно околу 2.200 посетители дневно.