Државниот завод за статистика ги демантира информациите што се појавија во јавноста, дека постои можност да се самопопишат и лица кои се откажале од македонското државјанство. Оттука велат дека станува збор за дезинформации.
– Прв услов е лицата што се попишале да ги има во базата на државјани на МВР. По вкрстување на базите, оние лица коишто ги нема ќе бидат отстранети, иако се обиделе да се попишат со пасивизиран матичен број. ДЗС дејствува по сериозна методологија и се води по најстрогите и најсовремени стандарди на проверки при попишувањето и секој обид за дезинформирање и манипулирање со населението ќе биде веднаш демантиран и разобличен – наведе Државниот завод за статистика.
Првиот вицепремиер, Артан Груби, вчера изјави дека граѓаните кои имаат пасош од земјите кои дозволуваат само едно државјанство, што значи дека се откажале од македонското државјанство, може да се попишат со извод или со било каков документ кој што го поседуваат и дека тие ќе придонесат за унапредување на правата на Албанците во Македонија.