- Торта и кафе ме спасија да не влезам во автобусот
- Татко ми ме премисли да останам уште малку во Скопје
- Грешка на мојот компјутер ме спаси
На кобниот ден кога се случи автобуската несреќа, гостиварец се нашол во друштвото што било повикано од заеднички пријател, кој сакал да ги почести за роденденот на својата ќерка. Бидејќи биле блиски пријатели не можел да го одбие, да не прифати да седнат во кафеана пред да си замине за Гостивар. Се развила пријатна дискусија на кафеанската маса, а друштвото се опуштило и заборавило на тоа колку време поминало откако се седнати заедно. Кога гостиварецот погледнал на часовникот сфатил дека нема многу време за да го стигне попладневниот автобус за Гостивар. Во моментот кога станал, неговиот пријател побарал да му послужат уште парче торта и кафе пред да си замине. Се согласил и по кафето многу брзо станал и заминал на автобуската станица во Скопје. Откако веста за страшната сообраќајка проструи по медиумите, неговите пријатели од кафеаната се сетиле да му заѕвонат на мобилниот телефон и да проверат дали е човекот жив. Но ужасени од она што претходно го чуле, одлучеле да ја побараат неговата сопруга во Гостивар, па од околу да разберат нешто. Од неа дознале дека судбината му се насмевнала, гостиварецот задоцнил и за малку не го стигнал автобусот, па морал и тоа попладне да остане во Скопје. С.К.
Гостиварско завиено во црно
Вчераутро, во црковниот храм „Света Петка“ во Гостивар, митрополит г. Јосиф, надлежен архијереј на Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ-ОА, чиноначалствуваше со заупокоена литургија на загинатите во тешката сообраќајна несреќа: Јовица Трпевска, Зоран Давидовски, Бобан Аврамовски, Трпана Јаневска, Дејан Ристевски, Павле Костовски и Арсен Арсовски. Свештените лица и присутните се молеа Господ да им даде сила да закрепнат побрзо и да се вратат во секојдневниот живот.
Во селата Дебреше, Зубовце и Врапчиште, кои се споени и се наоѓаат на подножјето на Шар Планина, беа погребени пет лица од тешката сообраќајна несреќа на која присуствуваа неколку илјади граѓани од Гостивар и од горнополошките села. Колони од луѓе ги посетуваа домовите на загинатите да им изразат сочувство, сите беа сплотени во болката Македонци, Албанци, Турци, Срби и други. На погребот во Зубовце, каде што на гробиштата беше погребен Бобан Аврамовски, 22-годишен студент на Факултетот за дизајн, присуствуваа Христијан Мицковски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалниците на општините Гостивар и Врапчиште, Арбен Таравари и Исен Шабани, пратеници и други поранешни функционери.
– Во оваа тешка сообраќајна несреќа од селото Зубовце загинаа двајца, како и во автобуската несреќа што се случи во далечната 1962 година. Тогаш воз удри во автобус, на необезбеден железнички премин на индустрискиот колосек на фабриката „Силика“, кај денешната населба Малеарди – се сеќава 76-годишниот Јаков Јаковлески.
На новите градски гробишта во атарот на селото Дебреше, каде што попладневно беше погребен 25-годишниот Јовица Трпевски, син на пратеникот Благојче, имаше многу народ, актуелни министри, пратеници, долга беше посмртната поворка.
Тажна беше сликата и на погребот на Дејан Ристески, кој остави две малолетни ќерки и сопруга.
На секој час се вршеше по еден погреб. На новите гробишта беа погребени и Павле Костовски, Арсе Арсовски и Трпана Јаневска. К.К.
Не знам зошто, но татко ми ми рече да останам уште малку во Скопје
Шестмина од пациентите, кои беа хоспитализирани во болницата ,,8 Септември“, вчера беа пуштени на домашно лекување во задоволувачка општа здравствена состојба. Нивните роднини нестрпливо ги чекаа пред влезот на болницата. Не сакаа да коментираат за состојбата на нивните блиски и за несреќата.
Абдула Исмаили, е 47-годишен жител на Гостивар и вработен во Владата. И тој настрадал во сообраќајката, а вчера беше пуштен дома.
– Сѐ се случи за миг, јас во тие моменти разговарав на телефон. Седев на седиште во третиот ред. Имав набиеници на главата и градите, сега сум подобро. Ме извлекоа локалните жители. Да не беа тие, ќе бев мртов – рече Исмаили.
Селчук Ибраим, вработен во Интернационалниот балкански универзитет, вчера дојде да го посети својот колега Бетим Амети, асистент по облигационо право на истиот универзитет, кој настрадал во несреќата.
– Тој ден требаше и јас да бидам во автобусот, ние секој ден патувавме заедно со Бетим. Не се качив во автобусот зашто 15 минути претходно ми се јави татко ми и останав уште малку во Скопје. Не му ја знаеме состојбата на Бетим. Инаку, не можеме да кажеме дека е безбедно возењето со автобус, автобусите се стари. Честопати има проблеми – рече Селчук. А.П.
Грешка на мојот компјутер ме спаси
На Предраг Илиески, 59-годишен просветен инспектор во Државниот инспекторат за просвета на МОН, му се блокирал компјутерот поради што тој го испуштил автобусот, при чие излетување од патот завчера загинаа 14 патници.
– По електронска пошта требаше да испратам неколку страници, за моја среќа, компјутерот затаи. Наместо да патувам во 16.15 часот, како и секој ден, патувањето го одолжив за еден час. На мобилен телефон ми се јави мојот другар Ѕвонко Зафировски, вработен во Министерството за локална самоуправа, со кого заедно патувам и тој го одложи патувањето. Среќни сме што се спасивме, но тагуваме за загинатите и повредените, речиси со сите често заедно патуваме -вели Илиески. К.К.
Возачот не знае како изгубил контрола врз автобусот
Надлежните истражни органи побараа од компанијата „Дурмо турс“ да достави целосна документација за дозволите што ги поседува за јавен превоз, за одржувањето на возилата, бројот на патниците и продадените карти во автобусот, како и податоци за работното време и за релациите што ги поминал возачот на критичниот ден.
Во јавноста првпат се огласи и сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, Дурмиш Белули. Тој наведува дека одговорниот за возниот парк на компанијата, непосредно по несреќата, стапил во контакт со возачот. Според Белули, во споменатиот разговор возачот потврдил дека загубил контрола врз автобусот. Меѓутоа, која е причината поради која ја загубил контролата, ниту што се случило потоа, возачот не бил во состојба да одговори. Одговор на ова прашање како и утврдување на фактичката состојба, за која е заинтересирана јавноста, се очекува да даде обвинителството. Оттаму не сакаа да дадат прецизен рок, туку најавија дека во разумен рок, по обезбедување на сите докази, односно обдукциските протоколи, медицинската документација за повредите на другите патници, извештаите за наредените вештачења, испитувањето на возачот, разговор со патниците во автобусот, како и со очевидци на настанот ќе биде комплетиран конечниот извештај. С.К.
Сами си вршиме технички преглед на возилата
Вчудовиденост предизвика информацијата дека „Дурмо турс“ сам на си вршел технички преглед на возилата. Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, во изјава за јавноста потврди дека техничкиот преглед на автобусот е направен во неговата станица за технички преглед, со нагласок дека техничката проверка и потврдата гарантираат техничка исправност на возилата.
Прашање што бара итен одговор е дали сопственик на фирма што врши превоз на патници (како „Дурмо турс“), може да поседува и станица за технички преглед, односно дали во сегашната законска регулатива е дозволиво автобусите да можат технички да се прегледуваат и во сопствена станица или мора да се пратат на технички преглед во друга станица, што во случајов не било сторено.
Од Државниот инспекторат за транспорт велат дека немаат никаква контрола врз превозните средства, во смисла дали тие се исправни или неисправни за вршење јавен транспорт.
И наместо сериозно да одговори и да се обиде да фрли дополнително ново светло на случајот, Руфат Хусеин, директор на Државниот инспекторат за транспорт се обиде со неумесна шега да го релативизира целиот случај.
– Ние не можеме да им наредиме на превозниците каде да ги вршат техничките прегледи на автобусите. Тоа не е наша ингеренција и надлежност, ниту пак можам да и кажам каде „Дурмо турс“ врши технички преглед на своите автобуси. Тоа е како да ме прашувате дали Орце Камчев се лекува во „Систина“ – изјави за медиумите Хусеин.
Да биде иронијата поголема, но и како своевиден одговор на претходно изнесените ставови, токму вчера, на една од линиите Гостивар – Скопје, на меѓуградскиот превозник „Дурмо турс“, автобусот не излезе од Гостивар поради наводен дефект на, пренесува телевизијата Алфа. Според информациите на очевидци, автобусот откако тргнал од автобуската станица, која се наоѓа до Културниот дом во Гостивар, дошло до блокада на задното тркало, а на асфалтот имало и трги од кочење.