Одговорните во Министерството за образование и наука засега немаат информации дали од претстојнава академска година ќе почне со работа долгонајавуваната академија за наставници
Веќе е изработен закон и веќе се подготвени програмите за работа на новата академија за наставници, но засега останува неизвесно дали надлежните ќе успеат од оваа академска година да создадат услови да почне со работа долгонајавуваната нова институција. Академијата треба да биде филтер низ кој ќе поминат дипломираните идни наставници, кои ќе мораат да полагаат тестови за на крајот да добијат лиценца дека можат да работат со деца. Во Министерството за образование и наука засега немаат информации за тоа до каде е работата со академијата. Не знаат што се случува ниту во секторот за високо образование. Неодамна беше донесен Закон за академијата, но дали ќе почне со работа од претстојнава академска година, засега е неизвесно.
– Академијата врши прием и стручно усовршување на идните наставници и усовршување и обука за професионално, стручно и ефикасно извршување на работните задачи на идните наставници во согласност со одредбите од овој закон.
Академијата својата дејност ја спроведува преку прием на кандидати во програмата за обука по пат на организирање и полагање приемен испит, организирање и спроведување на програмата за обука за идните кандидати за наставници во основните и во средните училишта и спроведување завршен испит, издавање, обновување и одземање лиценца за работа на наставник, а води и регистар на лиценцирани наставници – пишува во законот.
Инаку, сето ова се прави за да се зголеми квалитетот на наставниците, бидејќи досега без проблем на Педагошки факултет се запишуваа и матуранти со послаби оценки, а покрај тоа долго време постои впечаток во јавноста дека е многу лесно да се завршат студии на овој факултет. Затоа, уште претходната власт излезе со идеја да се заострат критериумите при упис како и да се верификува дипломата издадена од овој факултет, на новата Академија за наставници.
Имаше предлози најниска просечна оценка при упис на некој од педагошките факултети во државата да биде минимум четворка. Матурантите да полагаат приемен испит за да се провери знаењето дополнително, а секој запишан да добива месечна стипендија од околу 10.000 денари. На крајот од студиите секој иден наставник ќе има загарантирано вработување. Ова беа само некои од промените што се предлагаа во минатото, а кои имаа цел да го подобрат квалитетот на основното образование. Очекувањата беа дека новата власт ќе се откаже од идејата за основање академија, но тоа не се случи. Од друга страна, интересно за анализа е постоењето на ваква академија како дополнителен филтер за проверка на веќе стекнатите знаења, затоа што на некој начин, излегува дека државата не ја „признава“ дипломата од Педагошкиот факултет, па ја испраќа на проверка. По ова прашање, тогаш објаснувањата беа дека ова всушност се прави за да се следат европските трендови и дека неопходно е внимателно да се избира кадарот што во иднина ќе образова деца.