Во рок од една недела пријавени се вкупно 109 случаи на мали сипаници, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Од вкупниот број на новозаболени, 49 се од Скопје, при што 89,8 отсто од нив се непотполно вакцинирани, невакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Од почетокот на епидемијата во Скопје во декември лани, регистрирани се 767 случаи на мали сипаници, од кои 575 се епидемиолошки поврзани и пријавени во Скопје.
– Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 20 градови од Македонија, од нив 521 случаи од Скопје, 63 се од Тетово, 61 од Куманово, 27 од Струга, по 18 случаи има во Гевгелија и Дебар, 15 се од Гостивар, 12 од Велес, 11 од Кичево, по 4 од Кочани и од Штип а во останатите 9 градови се регистрираат спорадични случаи. Највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Струга – велат во ИЈЗ.
Од почетокот на епидемијата, во Скопје, вкупниот број на вакцинирани лица до 14-годишна возраст кои подлежат на вакцинација со прва или втора доза, изнесува 11.475 деца. Во останатиот дел од државата, вкупниот број на вакцинирани лица до 14-годишна возраст со прва или втора доза, изнесува 6.776 деца.
Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 18.251.
А.П.